Ирската компанија Barracuda FX го официјализира влезот во Македонија

78

Водечкиот ирски провајдер на софтверски решенија за глобалниот финансиски пазар Barracuda FX ќе инвестира во Македонија, јавува МИА.

Компанијата на својата интернет страница објави дека одлуката за проширување на деловните активности во Македонија е официјализирана.

Barracuda FX е лоцирана во Даблин, соработува и испорачува софтверски услуги за најреномирани светски банки и финансиски институции и е носител на престижни интернационални награди и признанија, соопшти Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот,

“Во конкуренција на повеќе првично селектирани земји и како резултат на упорната работа на владиниот економски тим за реализација на овој проект предводен од вицепремиерот Владимир Пешевски и заменик-директорот на Инвест Македонија Климент Шеќеровски, Македонија е избрана како најповолна дестинација за идните развојни планови на Barracuda FX”, информира Агенцијата.

Ирската компанија, најавува дека наскоро ќе ги започне активностите за отворање центар за истражување и развој во Македонија. Тоа ќе биде можност за вработување, обука и доусовршување на домашен кадар од информатичките науки.

Шекеровски смета дека влезот на Barracuda FX ќе биде поттик и за други ирски компании да дојдат во Македонија.