Пластични топки со големина на грејпфрут би можеле да бидат одговор на проблемот со недостаток на вода во Турција, според турскиот бизнисмен и иноватор Еркан Коча. Во изминатите шест години Турција се соочува со недостаток на вода, а околу 25% од водата што се држи во отворени резервоари испарува на летните горештини.
Минатата година, иноваторот Коча започна со производство на т.н. топчиња – сенки, коишто кога лебдат на површината на резервоарите, ја штитат водата од сонцето и од испарување.
“Топчињата можат да се корисат против испарувањата на резервоарите, затоа што спречува голем дел од сончевата светлина да ја загрее површината”, вели Коча, пишува Хуријет.
Топките се изработени од тврда пластика и делумно се исполнети со вода. Кога сончевите зраци ќе дојдат до топката што плови на површината, водата што е внатре во топката ја апсорбира топлината и ја штити водата во резервоарот, под топките.
И додека Коча ги убедува турските компании надлежни за водите за предностите на овие топки, Лос Анџелес веќе користи слични произведени од американски произведувач. Надлежните институции во Лос Анџелес се надеваат дека на овој начин ќе заштедат околу 300 милиони галони вода годишно.
Топките спречуваат и до 90% испарување. Освен тоа, тие го ограничуваат растењето на алгите, а можат да се користат за базените за ладење на нуклеарните централи, штитејќи ја животната средина од потенцијално загадување.
Компанијата на Коча, Fırat Kauçuk е една од трите во светот што произведуваат вакви топки.