Крушевска одаја – топла атмосфера со мирис на традицијата

612
naslovna
Шули Налбантоски, сопственик на етно гостилницата Крушевска одаја

Етно гостилницата Крушевска одаја е место каде доминираат македонската традиција и влашката култура и е вистинско освежување за градот Крушево. Сместена на Гумење, зад спомен куќата на Тоше Проески, гостилницата е место за семејни ручеци, вечери, прослави, место каде што туристите можат да уживаат во традиционалните јадења и поглед на градот.

БИ: Каков е амбиентот во етно гостилницата Крушевска одаја? Што најмногу ги привлекува гостите?

Крушево благодарение на историјата доби епитет храбро, благодарение пак на традицијата добива уште еден епитет единствено. Тоа е место каде што се мешаат различни култури и обичаи. И токму тој е амбиентот и во нашата Крушевска одаја. На една страна е духот на македонската револуционерна борба, на друга умешноста на Власите од своите домови да направат катчиња за вистинско уживање. Крушевска одаја, како што кажува и самото име, е одаја за вистинско семејно, пријателско, свадбено или било какво друго уживање. Топла атмосфера со мирис на традиција.

5

БИ: Дали добро познатите крушевски специјалитети, како на пример локумот, се наоѓаат на вашето мени? Какви сè јадења нуди ресторанот?

Националноите јадења се приоритет и основна база на менито. Од друга страна пак го надополнивме со стари крушевски специјалитети за кои што е потребно време и талент за да се подготват. Она на што сме навистина горди се крушевските пити кои што на трпеза можат да се послужат во секое време. Ги има со сирење, со месо, со праз, со тиква. Освен питите, менито на Крушевска одаја е единствено и по крушевскиот колбас којшто на пивото му дава поинаков вкус, но и на крушевскиот кукуруз. Ова јадење потекнува од тефтерите на крушевските баби во времето кога во Крушево скоро секое семејство одгледувало овци. Потребно е време за да се подготви, но конечниот резултат никого не остава рамнодушен. Локумот е неизоставен дел од секое едно послужено кафе на терасата на одајата со поглед на крушевската околија.

2

БИ: Што најчесто нарачуваат гостите? Дали странците ги одбираат традиционалните македонски специјалитети?

Македонија е позната по својата храна. Секој што стапнал на македонско тло, а не пораснал овде, знае дека македонската храна е единствена. Така е и кај нас. Многу се чести странските гости кои намерно или случајно доаѓаат во посета на овој највисок град на Балканот и нивниот избор за храна секогаш е традиционалното. Полни се со комплименти за нашето месо, но и за питите, салатите од свеж македонски домат или пиперка и се разбира, македонските вина за коишто и најстрогите дегустатори имаат само добри оцени.

4

БИ: Прилично сте нови на угостителската сцена. На какви предизвици наидувате? Како досега сте задоволни со работата?

3Секоја една работа што ја почнуваш, а потоа и продолжуваш да ја работиш со љубов е вистински предизвик. Засега, наша цел е секој еден гостин кој првпат ќе влезе во Крушевска одаја, да се врати и втор пат. И со себе да донесе пријатели. Насмевката на задоволни гости е повредна од се друго. Во Крушевска одаја ги дочекуваме како да ни влегуваат дома и така и ги испраќаме. Да ни се вратат кога и да посакаат.

БИ: Како се подготвувате за зимската сезона? Какви се вашите планови за понатаму, дали можеби планирате некакво проширување, како на пример соби за повеќедневен престој? Нови атракции за туристите?

Зимската сезона за Крушево е она што е летната за Охрид. Не дека гостите не се многубројни и во текот на летните месеци, но преку зима сите сакаат да уживаат во ова мало градче под снег. Плановите за оваа наша прва зима се секој викенд да ги забавуваме гостите со музичка програма. До сега во Крушевска одаја веќе ги дочекавме Елена Велевска, Ибуш Ибраимовски, Миле Кузмановски, Трио Гранде… плановите се да не застанеме тука. Напротив, да понудиме забава, во комбинација со вкусна храна и пијалоци за сите генерации. На ниските крушевски температури, атмосферата да ја стоплиме со македонска песна, македонска храна и македонско вино.

1