АД Фустеларко Борец може да продава сопствени акции

118

fustelarko-borec Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, на АД Фустеларко Борец заштитно друштво Битола му даде одобрение за продажба на сопствени акции по пат на јавна понуда.
Одлуката, како што соопшти Комисијата, е донесена на последната седница, со која претседавал претседателот Елизабета Чингаровска.
“Предмет на понудата се 9.513 обични акции, кои претставуваат 11,71% од вкупниот број издадени акции од Фустеларко Борец заштитно друштво Битола. Вкупниот износ на емисијата е 11.415.600 денари, што подразбира дека продажната цена е 1.200 денари по акција”, се вели во соопштението.
Продажбата на сопствените акции на АД Фустеларко Борец заштитно друштво Битола, како што е наведено, се врши заради усогласување со Законот за трговски друштва, одржување на стабилност на компанијата и заради прибирање парични средства. Продажбата на сопствени акции по пат на јавна понуда ќе се смета за успешна ако се продадат најмалку 80% од понудените акции на продажба.
Комисијата за хартии од вредност на последната седница донела решение со кое на Друштвото за управување со инвестициски фондови Иново Статус АД Скопје му се проширува дозволата за работа, со што ќе може да врши инвестициско советување на клиенти. На седницата била дадена согласност на измените на Статутот и на Проспектот на отворените инвестициски фондови КД Нова ЕУ и КД Брик, управувани од Друштвото за управување со инвестициски фондови КД Фондови АД Скопје, а била обновена и една лиценца за брокер.