АЕК ќе гради телекомуникациска кула на Водно

20

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе гради нов антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции за територијата на целата држава.

Системот ќе биде изграден на врвот на Водно и ќе претставува кула висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 метри квадратни.

На денешната прес-конференција пред поставувањето на камен-темелникот, директорот на АЕК Роберт Ордановски информираше дека изведувач на градежните работи, што ќе траат пет години, е градежното друштво Гранит. Вредноста на договорот за градежни работи е 1.084.706.000 денари, финансии на Агенцијата.

Антенскиот систем ќе придонесе за подобро покривање на дел од територијата каде има најголема концентрација на емитери. Во него ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи.

Од АЕК потенцираат дека со тоа ќе се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции.

“Поради својот специфичен изглед сметаме дека кулата ќе биде симбол за АЕК и од тие причини Агенцијата го редизајнираше своето лого во кое сега е ставен и новиот објект по кој веруваме дека со тек на времето ќе биде препознатлив и Градот Скопје”, нагласи Ордановски.

За изградбата на антенскиот систем обезбедени се сите потребни дозволи за градба од надлежните општини и од Министерството за транспорт и врски, извршени се статички испитувања, односно исполнети се сите потребни технички параметри.

Во иднина, АЕК планира врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.