АЕК усвои нов Правилник со обврски за операторите

23

Задолжителна листа со телевизиските програми со уредени авторски права ќе мора да содржат претплатничките договори што ќе ги склучуваат кабелските оператори со корисниците, пишува Миа.

Со новиот Правилник за општи услови, што го усвои Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на последната седница, операторите се обврзани да ги обноват договорите со претплатниците и во нив да ги наведат каналите.

“Во моментот кога ќе потпишете претплатнички договор со некоја кабелска или со некој друг комерцијален провајдер тој се обврзува на листа на канали кон крајниот корисник, што подразбира дека треба да си ја сработи домашната работа во однос на обезбедувањето на авторските права. Ако тоа не е обезбедено во тек на траењето на претплатничкиот договор корисникот може веднаш да го раскине, што не беше случај досега. Телевизиските оператори досега беа во состојба да ја менуваат содржината, но сега веќе не можат да го прават тоа“, рече денеска директорот на АЕК, Роберт Ордановски. Според него, ако биде исклучен некој од каналите за чие емитување се обврзал операторот во договорот, корисникот има право веднаш да го раскине, без никакви пенали.

“Пенали ќе нема за прекинување на претплатнички договор ако е по вина на операторот“, потенцира Орданоски.

Новина согласно Правилникот е и начинот на контрола на трошоците при користење интернет и разговори во роаминг. Во случај претплатникот да надмине сметка за интернет во роаминг од 1.000 денари операторот задолжително го известува за тоа и го прашува за согласност за натамошно користење на услугата. Ограничувањето за разговори во роаминг е 3.000 денари по што исто така корисникот добива прашање дали сака да го продолжи сервисот.

Со Правилникот се уредува и содржината на претплатничкиот договор за интернет и се прецизира дека брзината не смее да биде побавна под 50% од понудената при рекламирање.

Операторите нема да можат ниту да нудат договори со траење повеќе од 24 месеци и се обврзани 30 дена пред истекот да го информираат претплатникот за тоа. На тој начин, според АЕК, ќе се надмине проблемот со автоматско продлжување на договорите.

Со новиот Правилник, се очекува значително ќе се подобрат услугите од областа на електронските комуникации и правата на корисниците.