Аеродромите во Македонија со трипати поголем раст на патници од европскиот просек

18

Двата аеродроми Александар Велики и Св. Апостол Павле, менаџирани од ТАВ Македонија и во првата половина од 2014 година продолжуваат со стабилниот раст на бројот на патници. Од јануари до јуни нивните услуги ги користеле 559.779 патници, што е зголемување од 18,5% во однос на истиот период лани, кога нивниот број беше 472.536.

“Додека во Европа порастот на бројот на патници е помеѓу 5% и 6%, македонските аеродроми во првите шест месеци од годината остварија зголемување што е трипати поголемо. Wizzair отвори своја база на Скопскиот аеродром и со два авиона почна да лета до нови дестинации како Париз, Франкфурт, Брисел и Келн. Исто така, Alitalia потворно ја отвори директната линија од Рим до Скопје. Од почетокот на годината до сега топ пет дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Лондон и Малме“, рече генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Во јуни минатата година услугите на македонските аеродроми беа искористени од 107.178 патници, додека во истиот период оваа година таа бројка е 126.430, што е пораст од 18%.

“Со цел да го одржиме растот на бројот на патници откако почнавме да ги менаџираме македонските аердроми, ТАВ Македонија и ТАВ аеродроми, продолжуваат со промотивните и маркетинг активностите“, вели Крстевски.

Скопскиот аеродром досега два пати ја освои наградата “најдобар аеродром во Европа“ во категоријата на аеродроми под два милиони патници што ја доделува Меѓународниот совет на аеродроми, глобалната платформа на оператори со аеродроми.