Агенцијата за пошти бара зголемување на лимитот за безцарински увоз на онлајн пратки

22

Агенцијата за пошти бара да се зголеми лимитот за безцарински увоз на пратки за лична употреба коишто граѓаните ги порачуваат онлајн, а им се доставуваат преку поштенскиот сообраќај, пишува Миа.

Од оваа иницијатива, според директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасовски, граѓаните би имале послободен пристап до електронскиот пазар за стоки за широка потрошувачка во светот, а од друга страна ќе се стимулира и развојот на поштенскиот сообраќај.

“Граѓаните ќе имаат можност по поштенски пат да купуваат стоки за лична употреба за коишто нема да плаќаат царински давачки при увоз. Споредено со патничкиот сообраќај, во којшто е дозволено да се внесуваат стоки до 350 евра без да се платат царински давачки, во моментот ако тоа граѓаните го направат по поштенски пат и порачуваат преку интернет имаат право да не платат царинска давачка само ако стоката е во вредност од 45 евра“, изјави Атанасовски.

Тој се надева дека во 2016 година ќе биде донесена ваква одлука од страна на Министерството за финансии и Царинската управа.

“Плановите за подигнување на лимитот до 150 евра ги прават Министерството за финансии и Царинската управа. Ние само поднесовме иницијатива со оглед на тоа дека сме загрижени за развојот на поштенскиот пазар којшто се базира токму на доставата на пакети и пратки“, рече Атанасовски.

Подигнувањето на лимитот, како што тврди Атанасовски, нема да значи и зголемување на цената на поштенските услуги.

“Цените на услугите во делот на универзална поштенска услуга каде влегуваат пакетите со тежина од два килограми ги регулира Агенцијата за пошти така што Македонска пошта не може да ги промени цените без согласност на Агенцијата. Од тој аспект, ви гарантирам дека измената на одредбата за зголемување на лимитот ќе влијае на обемот, но не и на цената на поштенските услуги“, нагласи Атанасовски.