Агробизнисмените бараат законска примена на дронови во земјоделството

140

Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија бара да се овозможи законска примена на дронови и други видови современи летала во земјоделството за третирање на производните површини со заштитни средства, пишува Миа.

Ваквата иницијатива, првично поднесена од неколку субјекти, а сега поддржана и од Комората, е веќе доставена до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Досегашното пробно користење на дроновите за оваа намена даде одлични резултати и покажа дека е многу поевтино, чини четири до пет евра за хектар, додека авионското третирање е околу 40 евра. Аплицирањето на препаратите со дронови е воедно и исклучително прецизно што ги намалува трошоците и го прави производството многу поевтино.

“Примената на нови технологии е неопходна особено за заштита од климатските промени кои стануваат се поевидентни, а допрва се очекува и нивно заострување. Сушите и поројните дождови ќе стануваат почести што значи и поголем ризик за земјоделството“, истакна претседателот на Агробизнис комората Огнен Оровчанец.

Нови технологии, додаде, веќе се применуваат во повеќе земјоделски сектори преку воведување нови сорти или системи за рационално искористување на водата за наводнување како што е капка по капка.