АХВ: Нема небезбедни производи на Lactalis на македонскиот пазар

30

mleko-vo-sise-pixabay

Фото: Pixabay

Како контакт точка за Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега нема добиено нотификација дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни количини млеко и над 600 млечни производи на компанијата Lactalis за коишто француската влада соопштила дека се повлекуваат од продажба поради стравување дека постои опасност тие да се заразени со салмонела, стои во соопштението.

Од почетокот на годинава досега од Lactalis во Република Македонија увезени се 103,4 тони млеко и млечни производи, од нивни објекти во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, како и од соседна Србија и Германија. Од објектите на оваа компанија во Франција, годинава увезени биле само 2,4 тони млечен производ топено сирење.

Производите од оваа компанија, како и од останатите производители коишто се увезуваат во земјава се контролираат од страна на официјалните ветеринари на Агенцијата при увоз, при истовар и во прометот. Во ноември годинава, земени и испитани беа мостри од сирење од овој производител од објектот во Република Србија и истите беа негативни, односно во нив не е утврдено присуство на салмонела.

Инспекциските служби на Агенцијата во моментов вршат контрола кај компанијата којашто ги увезува овие производи во Република Македонија. Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки.