АХВ: Одземена лиценца на бразилска компанија што извезува месо во Македонија

32

meso-pixabay

Фото: Pixabay

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги известува операторите со храна дека преку Министерството за надворешни работи на Република Македонија, добиено е известување од дипломатско конзуларното претставништво на Федерална Република Бразил во Софија, Република Бугарија, дека на компанијата Seara Alimentos LTDA, којашто извезува месо и во Република Македонија, ѝ е одземена лиценцата за извоз.

“Истата е избришана од регистарот на овластени извозници на месо од оваа земја. Од страна на инспекциските служби на Агенцијата засилени се контролите на граничните премини, со цел спречување на евентуален влез во земјава на пратки со месо од Бразил, кои потекнуваат од објекти кои се забранети за извоз. Како одговорна институција за безбедноста на храната ја информираме јавноста дека по минатогодишните случувања и истрагите во месната индустрија во Бразил, Агенцијата за храна и ветеринарство е во постојана комуникација со амбасадата на Република Македонија во оваа јужноамериканска земја, со која се разменуваат информации за случувањата во месната индустрија, за што се информираат и стопанските комори во земјава“, стои во соопштението на АХВ.

Увозот на месо во Република Македонија се врши исклучиво од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти. Секоја пратка задолжително е проследена со ветеринарно здравствен сертификат со којшто се гарантира безбедноста.