Акции најпривлечни за тргување во последниот квартал од 2020 година

45

Со 1.256 трансакции и 39% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар, акциите на Комерцијална банка се најтргувани во последниот квартал од пандемиската 2020 година, покажува Кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.

По нив следат акциите на фармацевтскиот гигант, Алкалоид, со 701 реализирана трансакција или 16% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар на берзата.

Меѓу 10 најтргувани акции на берзата, во последните три месеци од 2020 година беа и: Макпетрол, НЛБ Банка, Гранит, Стопанска банка Скопје, Универзална Инвестициона Банка, ЗК Пелагонија Битола, Стопанска банка Битола и Македонски Телеком.

За споредба, еден квартал претходно, најтргувани беа акциите на: Комерцијална банка, Алкалоид, Гранит, Макпетрол, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, Прилепска пиварница, Жито Полог Тетово, Универзална Инвестициона Банка и Стопанска банка Битола.

Вкупниот промет реализиран со 10-те најтргувани акции на официјалниот пазар (без блокови) во четвртиот квартал 2020 година изнесува 887.126.093 денари (околу 14,42 милиони евра) и претставува 96% од вкупниот квартален промет остварен на официјалниот пазар. Во периодот октомври-декември од 2020 година, на официјалниот пазар, топ четири најтргувани беа акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје, со вкупен промет од 361,95 милиони денари (околу 5,89 милиони евра), потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од 149,64 милиони денари (околу 2,43 милиони евра), па акциите на Макпетрол АД Скопје со вкупен квартален промет од 123,24 милиони денари (околу два милиони евра) и на крајот акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од 111,40 милиони денари (околу 1,81 милиони евра). Годишните податоци на топ четири најтргувани акции на официјалниот пазар упатуваат и на натамошно задржување на непроменети позиции на акциите на Комерцијална банка, Алкалоид, Макпетрол и на НЛБ банка.

Високата концентрација на прометот со овие четири акции во 2019 бележи зголемување во 2020 година. Нивното збирно учество во вкупниот промет на официјален пазар се зголеми од 66% на 78%. Зголемената концентрација на прометот со овие четири акции, во најголем дел, произлегува од зголемувањето на прометот со акцијата на Комерцијална банка, а во помал дел како резултат на зголемувањето на прометот со акциите на Алкалоид, при истовремен раст на прометот и со акциите на НЛБ Банка и на Макпетрол.

Фото: Freepik