Најголем раст на официјалниот пазар на Македонска берза во текот на јануари имаа приоритетните акции на Скопски пазар – 19,99%, достигнувајќи просечна цена од 2.485 денари на 29.01.2016 година. Скок од 13,79% имаат акциите на ТТК банка со просечна цена од 660 денари, додека пораст од 13,54% или просечна цена од 1.400 денари забележаа акциите на Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.
Најголем пад на вредноста во јануари имаа акциите со Трготекстил малопродажба и тоа од 51%, достигнувајќи просечна цена од 49 денари. На второ место се хартиите од вредност на Макстил со пад на вредноста за 14,52%, односно 50 денари за акција. Трети акции со најголем пад се оние на Топлификација и тоа за 12,55%, по што нивната просечна цена на 29.01.2016 година беше 525 денари.
Хартиите од вредност на Комерцијална банка, Алкалоид и Трготекстил малопродажба, според месечниот билтен, се најтргувани акции во јануари.
Акциите на Комерцијална банка учествуваат со 64,23% во вкупниот промет на берзата со 149 трансакции. Зад нив се хартиите од вредност на Алкалоид со 131 трансакции или 8,24% учество во вкупниот промет на берзата во јануари. Акциите на Трготекстил малопродажба зафатија 4,93% во вкупниот промет со шест реализирани трансакции.
Во јануари пазарната капитализација на берзата се позиционираше на 101.189.634.217 денари, што е пад од 1,61% во однос на претходниот месец. Кај прометот има значителен пад од 34,11%, а неговата вредност беше 244.851.413 денари. Пад од 27,19% е забележано кај вкупниот број трансакции, којшто во јануари изнесува 873. Индексот на Македонската берза – МБИ 10 е 1.834,08 денари, што е пораст од 0,04% во однос на декември 2015 година.















