Акциите на Алкалоид, Комерцијална и НЛБ Тутунска банка најтргувани и во јули

35

makedonska berza

Најтргувани акции на официјалниот пазар во јули се оние на Алкалоид, Комерцијална банка и НЛБ Тутунска банка, покажува месечниот статистички билтен за јули на Македонската берза.

Акциите на Алкалоид зафаќаат 30,85% учество во прометот со 172 трансакции, потоа хартиите од вредност на Комерцијална банка со 23,46% во прометот и со 128 трансакции. Акциите на НЛБ Тутунска банка се на трето место со 10,93% учество во прометот и вкупно 44 реализирани трансакции.

Најголем пораст на вредноста во јули забележаа акциите на Тетекс Тетово со скок од 6,59%, потоа хартиите од вредност на Универзална Инвестициона банка Скопје со пораст од 5,12% и оние на Топлификација Скопје со зголемување од 4,45%.

Акциите на Арцелормиттал Скопје (ХРМ) евидентираа најголем пад од 21,05%, потоа следат хартиите од вредност на РЖ Услуги што завршија во минус од 18,75%, додека трети акции со најголем пад се оние на РЖ Техничка контрола Скопје со 12,25%.

Пазарната капитализација на Македонска берза во јули достигна 96.076.248.211 денари, што е пад од 0,68% во однос на претходниот месец. Кај прометот, којшто се позиционираше на 119.787.481 денари, е забележан пад од 72,61%. Пад од 34,56% има кај вкупниот број на трансакции во јули (909). Индексот на Македонска берза МБИ10 достигна 1.658,25 поени што претставува зголемување од 1,06% во однос на претходниот месец.