Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит најтргувани во септември

24

makedonska berza

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Гранит се најтргувани акции во текот на септември, стои во Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Во текот на минатиот месец, акциите на Комерцијална банка со вкупно 123 трансакции зафатија најголем дел од прометот (24,24%) на официјалниот пазар. Со 170 трансакции, акциите на Алкалоид имаат учество од 22,19% од прометот на официјалниот пазар во септември, додека на трето место со 75 трансакции се позиционираа хартиите од вредност на Гранит.

Акциите на Хотели Метропол Охрид, според билтенот, остварија најголем пораст од 32%, а потоа следат хартии од вредност на винарската визба Тиквеш од Скопје со скок од 21,26%, додека зад нив се најдоа акциите на Фустеларко Борец Битола со вредност повисока за 18,42%.

Во текот на септември, акциите на Лотарија на Македонија забележаа најголем пад – 31,33%. На второ место се најдоа хартиите од вредност на Бетон со намалување од 20%, додека веднаш зад нив акциите на Топлификација, коишто завршија со 13,82% во минус.

Вкупната пазарна капитализација во септември изнесуваше 98.048.619.464 денари, што е пораст од 2,19% во однос на претходниот месец. Пораст од 9,59% има кај вкупниот промет којшто достигна 157.779.438 денари. Во септември се реализирани 912 трансакции, што значи пораст од 15,59% во однос на трансакциите во август. Индексот МБИ10 се позиционираше на 1.704,46 поени, што е пораст од 2,29% во однос на претходниот месец.