Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол најтргувани во првото полугодие

22

berza

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол се најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар во првото полугодие од 2014 година, покажуваат податоците од полугодишниот статистичкиот билтен на Македонска берза.

Во вкупниот обем, со акциите на Комерцијална банка се направени 1.508 трансакции, додека кај хартиите од вредност на Алкалоид таа бројка е 953. Вкупно 878 трансакции се реализирани со акциите на Макпетрол.

Најголем пораст во овој шестмесечен период забележаа акциите на Агро Куманово со 139,11%, потоа следат акциите на Скопски пазар со скок на вредноста од 131,25%, додека трети по ред се хартиите од вредност на РЖ Уготур чиј пораст е точно 100%.

Жито Караорман од Кичево забележа најголем пад на вредноста на акциите од 82,96%, додека хартиите од вредност на Фершпед се намалија за 65,84%. Акциите на Триглав осигурување забележаа пад од 55,33%.

Во текот на првите шест месеци од годината, пазарната капитализација е 93.210.466.647 денари што е пад од 16,88%. Прометот во истиот период бележи пораст 54,46% и е на ниво од 2.293.921.949 денари. Намалување од 16,63% е забележано кај вкупниот број на трансакции – 6.418. Индексот МБИ 10 во овој период бележи намалување од 6,43%.