Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Прилепска Пиварница најтргувани во октомври

21

makedonska berzaАкциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Прилепска Пиварница се најтргувани во текот на месец октомври, покажува месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Хартиите од вредност на Комерцијална банка учествуваа со 32,61% од вкупниот промет во текот на месецот, по што беа направени 208 трансакции. Следат акциите на Алкалоид со 182 направени трансакции и 25,39% учество во вкупниот промет на берзата. Зад нив се најдоа акциите на Прилепска Пиварница со 28 трансакции и 10,11% учество во прометот.

Најголем пораст имаа акциите на Аутомакедонија со скок од 30,35%, достигнувајќи просечна цена од 1.499 денари на 30.10.2015 година. Со зголемување на вредноста од 21,43%, втори се акциите на РЖ Услуги, додека на трето место се акциите на Макошпед со пораст на вредноста од 16,50%.

Од друга страна, акциите на Жито Лукс забележаа најголем пад – 33,33%. По нив следат хартиите од вредност на Бетон од Штип со намалување на вредноста за 25%, додека на трето место се позиционираа акциите на ФЗЦ 11 Октомври Куманово со пад на вредноста од 22,33%.

Во текот на октомври, пазарната капитализација на Македонска берза достигна 98.987.844.749 денари или пораст од 0,96% во однос на претходниот месец. Пораст од 45,93% е забележан кај прометот, којшто во пресметковниот период достигна 230.244.099 денари. Вкупниот број на трансакции изнесува 917, што е зголемување од 0,55% во однос на септември. Индексот МБИ 10 се позиционираше на 1.727,91 поени, што претставува пораст од 1,38% во однос на претходниот месец.