Акциите на Комерцијална банка, Телеком и Алкалоид најтргувани во септември

22

makedonska berza

Акциите на Комерцијална банка, Македонски Телеком и Алкалоид се најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на Македонска берза во септември, покажува Месечниот статистички билтен, објавен на интернет страницата на Берза.

Акциите на Комерцијална банка со 141 трансакција учествуваат со 25,88% во вкупниот промет во септември. По нив следат хартиите од вредност на Македонски Телеком со 103 трансакции, односно 24,86% во вкупниот промет минатиот месец, додека трети најтргувани се оние на Алкалоид или 14,95% од прометот во септември отпаѓа на нивните хартии од вредност.

Најголем пораст во септември забележаат хартиите од вредност на Хотели Метропол Охрид со скок од 58,73%, веднаш зад нив се акциите на Цементарница Усје со пораст од 39,24%, а на трето место се приоритетните акции на Стопанска банка Скопје со скок од 16,40%.

Од друга страна, најголемо опаѓање во вредноста има кај акциите на БИМ Свети Николе со пад од 22,22%, а потоа на Макошпед со 16,98% и на трето место се акциите на Тетекс Тетово, чии акции завршија 8,06% во минус.

Во текот на минатиот месец, пазарната капитализација на Берзата забележа скок од 4,49% и се позиционираше на 97.433.351.266 денари. Прометот од 253.290.442 денари во септември забележа намалување од 9,76%, а пад е регистриран и кај индексот МБИ 10 и тоа од 0,4%. Кај бројот на трансакции – 1.156 има пораст од 4,05%, во однос на претходниот месец.