Ако повторно ве ангажираат сте успешни, ако ве препорачаат сте супер!

295
rade 1
Радослав Каранфилов, менаџер на КЕТ Кетеринг

Кај нас, клиентите добиваат она што ќе се договориме и како количина и како тип на храна. Нема да се појавиме со празни големи тањири, на едното ќоше храната, а по средината голема декорација во форма на цвет! Не ни е таков стилот. Работиме онака како што најголемиот дел од клиентите имаат потреба и очекувања.

БИ: Која е приказната зад почетокот на КЕТ Кетеринг?

Приказната започна уште во 2000 година, сосема случајно, што ќе речат – си се нашол на право место во право време.

4Во близина на локацијата каде се уште се наоѓа кујната, започнаа да се градат две згради. Работниците кои ги изведуваа градежните работи беа некаде од внатрешноста на Македонија. И така секое утро со поздрав “Здраво – Живо“… Еден ден викаат “комшија, абе ни треба смештај, немамо дека да спиемо“! (би требало да е паланечки диjалект). Како што ви спомeнав, просторот каде што се уште се наоѓа кујната е во сопственост на мојата фамилија, па лесно се договоривме, го адаптиравме за нивни потреби и тие почнаа тука да спијат, да не губат време да патуваат, а наутро веднаш да се на работа. Немаа трошоци ни во време ни во пари. Сите среќни! Еее, арно ама после некој ден им текна дека баш и немаат некој избор каде и што да јадат, па пак на паланечки викаат “Абе газда, ти да куваш нели знаеш“? – и сега се ви е јасно како почна кујната, од нигде – никаде!

Во тоа време имаше некои градежни компании што беа во криза, па ги затвораа кујните што им служеа за нивните работници. Најдовме контакти и брзо ја обезбедивме и потребната опрема и стручен кадар (тетки куварки). Битно се снајдовме брзо, научивме кој грав со каков колбас или риба оди, каков компир треба за мусака, а каков за јанија…, а и манџичка од казан тогаш дознав зошто е толку вкусна!

Вежбавме што вежбавме цело лето, па кога сфативме дека знаеме и туршија како се става, па и дека бардовска зелка е најдобра за кисел купус и за сарма, решивме да побараме уште некоја градежна фирма.

Од тогаш, па до денес се уште имаме компании кои ни ја дале довербата и не не напуштиле. Ама и кадарот не си го менуваме, дел од тетките куварки се истите, затоа имаме постојан квалитет, манџичката стално ни е исто солена и забиберена! Еве баш ова е вистината како се почна….

1Денеска освен со градежниот сектор, учествуваме и на по некој тендер, па соработуваме и со државни институции, готвиме за нивните штитеници, за приватни компании кои имаат работници во производствени погони, ги храниме децата од едно американско училиште, но правиме и фини работи, кетеринг за корпоративни прослави, семејни веселби, до родендени за деца по игротеки. Соработуваме со некои домашни и странски невладини организации и фондации. Обично тие имаат потреба од кетеринг кога одржуваат семинари и обуки. Соработуваме и со неколку хотели кои немаат сопствени кујни, што работат на принцип спиење со доручек, па понекогаш имаат групи на гости што сакаат и ручек и вечера. Им работиме по предходно одбрани и договорени менија. Од време на време и по некој филм се снима низ планиниве по Македонија, ама обично накај битолско Мариово или Охрид одат, па ќе не викнат да готвиме за филмската екипа и за глумците… знам некои од глумците од турските серии… ќе ви раскажувам.

Така, кујната работи обично седум дена во неделата. Сега ни е сезона на домашни слави. Однапред знаеме која се паѓа “посна“, која “мрсна“, научивме и верско календарче да читаме. Исто така, сега се спремаме за коктелите кои компаниите обично ги прават на крајот од годината за своите соработници. Работиме со задоволство, понекогаш и за атер. Фамилијарен е бизнисот! Се трудиме да бидеме и општествено одговорни, последно, со задоволство им помогнавме на Здружението на глуви и наглуви во РМ, да го организираат нивнот јубилеј 65 годишно постоење, односно кетерингот за нивните 400 гости во домот ан АРМ во Скопје.

БИ: Кој е бенефитот од користењето на кетеринг услугата во фирми со голем број вработени?

Ова е одлично прашање – што би рекле Aмериканците. Кога одам да ја продавам услугата на КЕТ Кетеринг во фирми со повеќе работници како во некои производства или некои погони за доработки, каде системот на работа е ланчан, секогаш се обидувам да објаснам на менаџерскиот тим дека тие ќе заштедат и време и нерви и пари ако почнат да го користат нашиот кетеринг сервис. Тоа е така затоа што оброкот се случува во ист критичен момент од 30 минути за сите. Доаѓа комбето со храна, се редат во колона, им се сервира, јадат, малку одмор и се враќаат на работното место. Производството е ланец, ако еден не е на своето работно место веднаш ќе се јави застој, тесно грло, проблем. Се избегнуваат ситуациите кога едниот тргнал по доручек, другиот се враќа, па му нарачале баничка со месо, а овој заборавил, па му купил бурек со сирење, уште и кавга згора на се, треба да дојде менаџерот за HR да ги смири зошто не сакаат да се видат, а не да продолжат да работат заедно.

9Сите јадат исто, салата, квалитетна храна – тазе приготвена, лесна за варење на организмот, доволно калорична (за посебни индустрии и работници, различен е нормативот) за да може вработениот да има доволно енергија и концентрација да ја исполни нормата, да биде продуктивен. Јадат разнолична храна. Не губат време и не се мислат секој ден, денес што ќе јадат. Друг му ја мисли. Тие треба да работат! Вработените се благодарни и задоволни. Некој навистина мисли и се грижи за нив. Благослов е некому да му купиш – подариш храна. Тоа ќе го покажат со нивната мотивираност и зголемена продуктивност. Припадност кон компанијата, идентификација со групата, секој ден team building од 30 минути во исто време.

Погрешен е ставот на менаџментот што вика – “им даваме пари, па кој што сака си јаде“ или “си носат од дома!“.

Е, кога менаџментот ќе седне и ќе направи cost-benefit анализа колку работни минути/саати секој вработен губи на мислење – набавување на храна (да го претвори во дневници), што не одговара по квалитет и калорична вредност, па не ја сработиле нормата – биле уморни (да пресмета трошоци по производ), па колку би ги чинело еден team building што ретко им го прават и уште ако можат да го измерат задоволството и сплотеноста во организацијата со пари, ќе утврдат дека со платени 2-2,5 евра за квалитетен оброк по вработен на ден всушност заштедиле односно заработиле пари, а попат завршиле и уште некоја работа!

БИ: Што се опфаќа Вашата кетеринг услуга? Носите само храна или и пијалоци? Дали нудите и комплетно поставување на сали?

Зависи кој за што има потреба да не ангажира, односно по кој повод треба да правиме кетеринг. Храната ќе ја спремиме што ќе ја спремиме, па се сервира, па ќе се декорира, тоа зависи од инспирацијата на нашите вработени, како уметниците. Некогаш храната има и форма на некакви животинки или овошје…

Секако, целиот прибор за послужување и јадење во онолкав број на гости за колку предходно е договорено го обезбедуваме, како и чаши за различен вид на пијалак. Ако клиентот има потреба носиме и маси и столици, може и да ги аранжираме. Исто така располагаме и со доволен број на комплети од пластични маси и столици, ако на некој му текне да прави журка во двор, на отворено. Нормално, за поголем комодитет може и келнер и шанкер да дојде. Обично гледаме да одговориме на потребите на сите. Ако сфатиме дека нешто ни фали, а ни го бараат, инвестираме, ќе го купиме или ќе го обезбедиме во услугата.

За кетерингот на терен, за градежниците и за филмаџиите како што се викаат самите, имаме друг тип на опрема, големи термоси за храната, да се транспортира безбедно и нормално, кога ќе стигне на локација уште да биде жешка. Имаме наши возила комбиња, па сето ова лесно го завршуваме.

10

БИ: Имате посебни менија за вегетаријанци или за луѓе што се алергични на некој производ? Сте имале такви барања до сега?

Секако има! Модерно време дојде. Имаме вегетаријански менија. Некогаш имаме барања месото да е пилешко, мисиркино, се само да нема свинско… како ќе побараат, така, флексибилни сме. Најубаво е кога клиентите знаат што сакаат да им се спреми, а за оние што не се сигурни нас ни е најлесно кога ќе ни кажат колкав буџет планираат да потрошат за да им предложиме менија и комбинации во тие рамки, да не лутаме.

Најчести се вегетаријанците како група, но во последно време се јавуваат и групи што се хранат со храна од специфично потекло и приготвена на специфичен начин, за вториве немаме уште решение.

Инаку најчесто се бара и приготвуваме менија од кујни на нашево поднебје.

БИ: Какви новитети планирате да воведете во иднина?

Планираме нешто, ама не би сакал за тоа на долго и широко пред да се случи. Не за друго, “да не си зборам пред рака“. Инаку се однесува на начин на пакување и сервирање на храната, а со цел да им се приближиме на оној таргет на канцелариски персонал. Тие имаат поголема слобода кога да користат пауза, за разлика од персоналот во производствените погони. Не мораат сите во исто време. Но, исто битни се да им се посвети внимание со вкусна храна, симпатично спакувана и се разбира, топла во секое време.

БИ: Што за Вас е дефиниција за успешен и квалитетен кетеринг сервис?

rade 2За мене лично оваа дефиниција е многу едноставна. Ако клиентот ве ангажира повторно следниот пат кога ќе има потреба, тогаш имате успешен и квалитетен кетеринг сервис. Уште ако ве препорача на друго место, тогаш сте супер.

Во принцип, треба да се задоволат и малку да се надминат очекувањата на клиентот, но во корелација со неговите можности и буџет, за да оставиш позитивен впечаток, се разбира. Кај нас, клиентите добиваат она што ќе се договориме и како количина и како тип на храна. Нема да се појавиме со празни големи тањири, …на едното ќоше храната, а по средината голема декорација во форма на цвет! Не ни е таков стилот. Работиме онака како што најголемиот дел од клиентите имаат потреба и очекувања.

Не би сакал повеке да се фалам, може да не ангажитате во прва следна прилика.

(radoslavkaranfilov@gmail.com)