Аlitalia од октомври заминува во историјата

24

Италијанскиот авиопревозник, Alitalia, од октомври оваа година веќе нема да работи под своето препознатливо име. Бурната историја што започна во септември 1946 година, сега завршува за неколку месеци.

Од 2017-та година, Alitalia е под вонредна управа поради долгиот временски период во којшто работела со загуба. Од октомври оваа година, компанијата планира да се инкорпорира под новото име ITA – Italia Transporto Aereo. Според најавите, новата компанија ќе има 8.250 помалку вработени (од 11.000 на 2.750) и 40 авиони помалку (од 92 на 52), пренесува Croatian Aviation.

Европската комисија на осми јануари оваа година испрати писмо до италијанскиот постојан претставник во Европската унија во коешто инсистира на “отворен, транспарентен, недискриминирачки и безусловен тендер“ за продажба на имотот на Alitalia. Во писмото има 62 барања за појаснување, отфрлајќи ја идејата стариот авиопревозник да го продаде имотот на новата компанија во приватни преговори.

Во писмото се наведува дека ITA не би требало да го задржи брендот Alitalia, бидејќи тоа ќе значи недвосмислен показател на континуитет.

Новата компанија ќе биде оперативна од 15-ти октомври. Италијанската владејачка коалиција минатата година постави план со којшто ITA би требало да почне со работа на почетокот на април, но поради пандемијата процесите беа забавени и тоа ќе се случи неколку месеци по првобитниот план.