Ангеловска-Бежоска: Остварувањата на македонската економија се во линија со проекциите на Народната банка

34

По забавувањето на економската активност во 2017 година, од минатата година се забележува постепено забрзување на македонската економија. За оваа година, од досега расположливите податоци се гледа дека трендот на постепено забрзување на економската активност продолжува – остварената стапка на економски раст во првите три квартали е 3,6%. Нашите проекции за оваа година се раст од околу 3,5%. Имајќи ги предвид досегашните движења, кај економската активност нема позначајно отстапување од проектираното од Народната банка,  а нема ни позначајни отстапувања кај инфлацијата која е проектира на 1%.

Ова меѓу другото го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервјуто емитувано вечерва во емисијата  „Што не е јасно?” на Алфа ТВ. Притоа таа се осврна и на факторите коишто го движат економскиот раст, при што одделно го истакна придонесот на растот на извозот.

Осврнувајќи се на оцените на агенцијата “Фич”, таа посочи дека банкарскиот систем е фактор којшто позитивно влијае на кредитниот рејтинг што го има нашата земја.

“Банкарскиот систем е здрав, високо капитализиран и со солидно ниво на ликвидност. Тој е во кондиција да се справи со какви било надворешни шокови, што се потврдува и преку редовните стрес-тестови,” кажа Ангеловска-Бежоска.

Во интервјуто, гувернерката говореше и за предизвиците поврзани со случувањата во глобалната и европската економија.