Ангеловска-Бежоска претседаваше со сесијата за монетарна политика на конференцијата на Централната банка на Белгија

15

На 15-ти и 16-ти февруари годинава, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска учествуваше на конференцијата на високо ниво Предизвиците на политиките и новите форми на бизнис во дигиталната ера, организирана од Централната банка на Белгија, стои во соопштението.

На овој значаен настан којшто се одржа во Бриж, во регионот Фландрија, учествуваа гувернери и заменици на гувернери на централни банки, вклучително и вицегувернерката Емилија Нацевска, како и високи претставници на меѓународни финансиски институции и професори на реномирани истражувачки и универзитетски центри од Европа.

Во рамки на конференцијата беа одржани три тематски сесии од кои една беше посветена на предизвиците на монетарната политика во новата дигитална средина. Со оваа сесија претседаваше гувернерката Ангеловска – Бежоска, а учесници беа и Беноа Мојон, раководител за економски анализи во Банката за меѓународни порамнувања и Клас Кнот, гувернер на Банката на Холандија. Фокусот на одделните излагања и на дискусијата водена на оваа сесија беше насочен кон можните ефекти од растечката дигитализација врз ценовната стабилност, спроведувањето на монетарната политика и одржувањето на финансиската стабилност.

Притоа, меѓу другото, беше потенцирано дека најновите финтек трендови, коишто значат поголема и подостапна понуда на финансиски услуги за населението, а со тоа и повисока финансиска инклузија, засега немаат позначително влијание врз централнобанкарските активности. Сепак, на сесијата беше нагласено дека со оглед на брзината и природата на промените во дигиталната сфера, во меѓународни рамки останува потребата од следење и натамошна проценка на можните ефекти и соодветно приспособување на политиките.

Поканата упатена до гувернерката Ангеловска – Бежоска да претседава со оваа сесија на значајната конференција во Бриж е уште една потврда и на високиот углед којшто нашата централна банка го има во рамки на европската централнобанкарска заедница. Впрочем, меѓу говорниците на конференцијата, гувернерката Ангеловска-Бежоска беше и единствениот висок претставник на централна банка на земја којашто сѐ уште не е член на Европската Унија.

Своето учество на конференцијата организирана од белгиската централна банка, таа го искористи и за да оствари повеќе билатерални средби со колеги од Европа, во кои акцентот беше ставен на натамошниот развој на меѓународната активност на нашата централна банка и на нејзиното цврсто чекорење по патот којшто води до Европскиот систем на централни банки. Истовремено, во разговорите со своите колеги од Европа, гувернерката Ангеловска-Бежоска размени и мислења за повеќе актуелни прашања коишто ја засегаат севкупната европска економија и за предизвиците за централните банки во натамошниот период.