Ангеловска: Ребаланс на буџетот за поголеми економски ефекти

23

Со Ребалансот 2019 се обезбедува поддршка за поголеми плати во приватниот и јавниот сектор, повеќе средства за активни мерки за вработување и средства за проектот МојДДВ, преку којшто за помалку од три месеци на граѓаните ќе им биде извршен поврат на ДДВ. Алоцирање на средства онаму каде ќе има најголема ефикасност и каде може да се постигнат поголеми економски ефекти е целта на предложениот ребаланс на буџетот, истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска, образложувајќи го истиот на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

“Со ребалансот се обезбедува распределбата на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници. Притоа, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО“, рече министерката Ангеловска.

Таа рече и дека од први септември стапи на сила ново покачување од 5% на платите во јавната администрација, здравството, образованието, градинките, полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација, кое ќе се исплати на почетокот на октомври.

Министерката за финансии посочи дека со ребалансот е направена незначителна корекција на приходната и расходната страна, а дефицитот е непроменет – односно дека измените воглавно се однесуваат на реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.

Министерката за финансии истакна дека од почетокот на годината заклучно август вкупните приходи во буџетот изнесуваат 130,3 милијарди денари, што е 61,8% од планираното и е за 7,2% подобра наплата во однос на лани.

“Вкупните расходи заклучно август изнесуваат 139,4 милијарди денари што е 60,9% во однос на планот. Во рамки на расходите најголем дел се тековни, додека во тековните најголемо учество имаат трансферите за социјална заштита, пензии и блок дотации до општините. Во периодот јануари-август 2019 година остварен е дефицит од девет милијарди денари или 1,3% од проектираниот БДП за 2019 година. Државниот долг заклучно јуни 38,4% од БДП, додека јавниот долг 46,6% од БДП со што Република Северна Македонија е умерено задолжена земја“, рече Ангеловска.

За состојбите во економијата Ангеловска посочи дека растот на економската активност во првото полугодие од 2019 година продолжи со посилен интензитет споредено со растот во 2018 година и изнесува 3,6% и дека тој е на широка основа. Раст се бележи кај градежниот сектор, што најмногу се должи на нискоградбата, во индустријата, но и  услужниот сектор и земјоделството. Извозот на стоки забележа висок раст во првото полугодие од 12,9%. Истовремено, расте потрошувачката главно како резултат на приватната потрошувачка, поради растот на вработеноста и платите и зголеменото кредитирање на домаќинствата. Бруто-инвестициите имаат  висок раст  од 10,4%, како резултат на инвестиции во градежни работи, инвестиции во машини и опрема.