Angry Birds на Ровио му донесоа 152 милиони евра за една година

18

angrybirdsФинската компанија Ровио, произведувачот на популарниот серијал видео игри Angry Birds за само една година оствари астрономска заработка. Според податоците објавени за работењето во 2012 година, Ровио лани оствариле приходи од 152,2 милиони евра, што претставува раст од 101% во однос на претходната година. Бројката од 55,5 милиони евра нето добивка покажува дека оваа компанија има профитабилен бизнис модел.

“Ровио од феномен израсна во успешен глобален бизнис. Во 2010 година започнавме да ја градиме компанијата и веќе сме на пат да го постигнеме тоа што го сакаме. Ќе продолжиме да ја зацврстуваме нашата позиција во светот на забавата”, вели извршниот директор Микаел Хед во соопштението.

Минатата година беше многу важна за финскиот произведувач на видео игри. Освен соработката со NASA, Walmart и National Geographic, објавени се и четири нови игри од серијалот Angry Birds.

Но, видео игрите не се единствен извор на приходи. Фирмата има и оддел кој се занимава исклучиво со лиценцирање на брендот Angry Birds, кој се појавува на маици, кадифени играчки и други производи, на што отпаѓа 45% од заработката.