Анѓушев: Стопанските субјекти подготвени за либерализација на енергетскиот пазар

19

Koco AngusevСтопанските субјекти се подготвени да ја прифатат либерализацијата на енергетскиот пазар и се надеваат дека нема да дојде до ново пролонгирање со оглед дека очекуваат да имаат значителен бенефит од неа, истакна претседателот на Групацијата на производители на енергија од обновливи извори на Стопанската комора на Македонија, Кочо Анѓушев, пренесува МИА.

“Има и други учесници кои треба да се подготват во делот на либерализацијата. За таа цел Регулаторната комисија за енергетика направи акциски план кој сега за сега се спроведува. Нема најави дека либерализацијата ќе биде одложена, бидејќи сите точки со јасни обврски за сите чинители во тој процес засега се исполнуваат. Се надеваме дека нема да дојде до ново пролонгирање и мислам дека либерализацијата ќе биде значителен бенефит за стопанските субјекти во Македонија”, изјави Анѓушев пред почетокот на Форумот на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија што денеска се одржува во Стопанската комора.
Сегашната најава е дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија за стопанските субјекти во Македонија ќе се случи од 1 април 2014 година. Првично либерализацијата беше најавена за 1 јануари 2013 година, но беше одложена поради опасноста да предизвика значително зголемување на цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи. Согласно првичниот план, либерализацијата на пазарот на електрична енергија за тарифните потрошувачи, односно домаќинствата треба да се случи на 1 јануари 2015 година, со што енергетскиот пазар во Македонија целосно ќе биде либерализиран.