Антевски:Ќе продолжат да работат и ќе бидат поуспешни само оние кои успеале да се реорганизираат

40

Првиот човек на компанијата Раде Кончар-ТЕП, Горан Антевски не остава простор за дилема во проценките кои од компаниите ќе успеат да ја преживеат годинава.

Сите земји во околината и пошироко ги заштитуваат домашните производители со тоа што ќе бидат протежирани во однос на странските компании, само кај нас повеќе од 10 години пазарот е целосно отворен и домашните производители од година во година само го губат и овој мал пазар, категоричен е првиот човек на Раде Кончар во интервју за Стандард.

“Ќе продолжат да работат и ќе бидат уште поуспешни само оние кои успеале да се реорганизираат“, посочува тој.

На прашањето како ковид кризата се одрази на работата на компанијта, тој вели дека за Раде Кончар-ТЕП минатата 2020-та беше една многу успешна година и покрај тешкотиите со ковид-кризата.

“Остваривме 65% зголемување на приходите, што резултираше со зголемување на бројот на вработените и на примањата од 30% и задржување на квалитетниот кадар. Инвестиравме 350.000 евра во современа опрема и екологијата со што во иднина ќе добиеме поголема продуктивност и заштеда. Наш најголем успех во 2020 година е што после долгогодишна соработка и развој потпишавме договор со АББ како еден од најголемите европски производители на електро опрема за дизајн и изработка на нивната опрема за светските пазари како единствена компанија од Балканот, исто така потпишавме и договор за дистрибуција и соработка со најголемата јапонска компанија Митсубиши. Здружувањето со овие компании ни отвара големи можности за поголем настап на пазарите во Европа, Блискиот Исток и Африка со што планираме дека извозот на нашите производи драстично ќе се зголемува“, вели Антевски.

Секако за оваа година во план е потпишување на договор со уште една реномирана европска компанија за заедничка соработка и настап на домашниот и околните пазари, додава тој.

Како фактор од суштинско значење за македонската економија, Антевски ја посочува и потребата од поголемо учество на домашните компании во идните проекти, но и државната помош за домашните компании да ги добијат домашните проекти и инвестиции.
Како неопходна ја посочува државната помош во инвестиции за зголемување на производството и вработените и таа според него мора да продолжи и во иднина. Од друга страна, Антевски е дециден дека е време да сопре помошта во плати, бидејќи како што вели “со таа мерка нема напредок“.