Apple и Nokia потпишаа договор за соработка

4

product-family_health

Фото: Nokia

Финската телекомуникациска и информатичка компанија Nokia и американскиот технолошки гигант Apple објавија дека спогодбено го решиле долгогодишниот спор околу интелектуалната сопственост и потпишаа договор за деловна соработка.

Според договорот, Nokia ќе обезбедува мрежна инфраструктура на производи и услуги на Apple, додека американската компанија преку своите малопродажни и интернет продавници ќе ги нуди дигиталните производи за здравје на финската компанија. Тие, исто така, заеднички ќе ги истражуваат можностите за понатамошна соработка во областа на дигитални иницијативи за унапредување на здравјето на нивните корисници.

“Nokia и Apple склучија содржаен договор. Нашиот однос со Apple од противнички на суд се претвори во деловно – партнерски за доброто на нашите клиенти“, вели правниот директор на Nokia, Мариа Варселона.

Минатата година Nokia поднесе тужба против Apple во 11 земји, тврдејќи дека американската компанија прекршила 40 нејзини патенти од кориснички интерфејс, софтвер, антени, чипсетови и видео кодирање. Apple пак поднесе тужба против Nokia пред американскиот суд тврдејќи дека финската компанија од договорот исклучила одредени патенти и ги пренела на трети компании. Од судот бараа надомест на штета и пресуда дека Nokia ги прекршила своите договорни обврски.