Аппле Ланд со инвестиција од 5 милиони евра во Ресен

35

Во индустриската зона Макази во близина на Ресен започна изградбата на комплексот за складирање и преработка на јаболка, инвестиција на фирмата Аппле Ланд од Дубаи во износ од 5 милиони евра.

На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ључо Димовски, директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски и претставници од компанијата Аппле Ланд.

Комплексот, според претставникот на Аппле Ланд, Франсис Турно, ќе се гради во три фази. Во првата фаза ќе биде опфатена изградба на ладилник со капацитет од 5 тони јаболка. Комплексот треба да биде ставен во функција до септември 2014 година.

Со откупот на јаболката од локалните производители, како што истакна, оваа инвестиција нема да биде корисна само за нив, туку ќе биде од големо значење и за локалното земјоделство, но и за Република Македонија.

Премиерот Груевски изрази задоволство што по неколкугодишна потрага по инвеститори за оваа дејност и објавените огласи во меѓународни весници Владата успеа да привлече инвеститор во Ресен што, како што рече, беше повеќе од потребно за правилно складирање и калибрирање на овошјето за откуп на дел од јаболката и зголемување на производството, а со тек на време и подобрување на сортите што се произведуваат и прилагодување на желбите на потрошувачите.

„Се надевам дека оваа инвестиција ќе биде само почеток за понатаму да се направат и други инвестиции со цел да се заврши еден дел од проблемот што овој крај го има со откупот за јаболката, но и да се отворат нови работи места, што е и крајна цел на нашите економски политики”, рече Груевски.