АППТ: Во 2021 година туризмот ќе оди во насока кратки патувања

17

Тековната 2020 година беше и сè уште е повеќе од предизвик за целата туристичка индустрија. На иницијатива на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) се формираше координативно тело со задача да ги превенира штетите во туристичката индустрија од коронавирусот, се донесоа четири сетови на мерки за помош на индустријата и се работи на тоа да се вмрежи подобро регионот.

Оваа 2020 година АППТ почна со промоција на туристичката понуда на странски пазари со сите промотивни алатки кои се предвидени според програмата за 2020 година, но со оглед на светската пандемија фокусот беше пренасочен на домашниот и регионалниот туризам. За таа цел АППТ во соработка со швајцарската програма ИМЕ изработи промотивна кампања од 10 видеа за промоција на домашниот туристички потенцијал која резултираше со преку 3.500 објави на социјалните медиуми, 32.000 прегледи на каналот YouTube и посетеност на страната www.northmacedonia-timeless поголема за 22% во споредба со истиот период минатата година. Дополнително, за прв пат се изработи две минутно видео за туристичкиот потенцијал на земјава кое се промовираше на престижниот портал Lonely Planet со извонредна посетеност на истото.

АППТ оваа година веќе реализираше исплата од 99,88% од барањата за субвенции, односно исплата на нешто повеќе од 500 барања за субвенционирање на организиран туристички промет во земјава.

“Она што најмногу не загрижуваше во текот на оваа година е бројот на туристи и ноќевања за кои очекувавме најголем пад со оглед на целокупната здравствена ситуација. Бројот на странски туристи за првите 9 месеци од 2020 година има пад од 83,87%, додека бројот на ноќевања за 84%. Кај бројот на домашните туристи поголемиот пад е регистриран од март до јуни во споредба со лани, додека во месеците Август и Септември има пораст од 8,9% и 33,9% споредбено со истиот период минатата 2019 година. Ноќевањата го следат истиот тренд, а порастот во Август и Септември се за 1,1% и 26% споредбено со лани истите месеци. Според статистичките податоци, околу 49% од вкупниот број на странски туристи во земјава во 2020 година се од регионот, а Косово, Албанија и Грција се земјите кои бележат најмал пад во бројот туристи кои ја посетуваат земјава“, рече директор на АППТ, Љупчо Јаневски.

Девизниот прилив пак во првиот квартал од годинава регистрира пораст од 0,74% во споредба со лани, вториот квартал пад од 58,91% за истиот период. Во првата половина од оваа година падот е 34% во споредба со лани истиот период.

Согласно овие показатели од туристичката индустрија, АППТ за 2020 година со стратегиското планирање предвиде буџет од 202.964.000 денари, додека за наредната 2021 година барањата и предвидените активности според проекција на АППТ се заокружуваат со 138.542.000 денари од кои со предлог буџетот се сведуваат на 96.000.000 денари, земајќи предвид дека АППТ имаше одобрен буџет за 2020 година од 153.514.000 денари, а по ребалансот за сите предвидени проекти и активности располага со буџет од 94.992.000 денари.

Од проектите кои беа предвидени за реализација во 2021 година и се дел од секторот поддршка, досега се реализираа проектите за означување на старите чаршии во Битола, Прилеп, Струга, Охрид, проектот Via Egnatia, проектот Бислимска клисура, а во тек е реализација на проектот со кој е предвидено издавање на фото брошура од убавините на РС Македонија како сведоштво на туристите со наслов #alliNMacedonia.

Земајќи ја предвид целокупната ситуација со пандемијата, АППТ за наредната 2021 година смета дека движењето во туризмот ќе оди во насока кратки патувања, во мали групи или индивидуалци, додека чартер летовите и масовниот туризам целосно ќе се исклучат или ќе имаат значителен пад. АППТ заедно со приватниот сектор треба да отвора нови пазари и да се насочи кон домашните туристи и туристите од регионот, да работи на отворање на зелени коридори и зајакнување на промоцијата во регионот. Промоцијата е неизбежна, како и нејзино зајакнување на интернет со што би се комуницирале претежно еко и руралниот туризам.

Туризмот дополнително е предвидено да се зајакнува преку проекти за градење на Зип лајн во Маврово, Крушево и Демир Капија заедно со локалната самоуправа и странски донаторски програми како швајцарската програма ИМЕ, УСАИД. Дополнително, ќе се потенцираат археолошките локалитети, музеи, градови и врвови за качување, а сето тоа со зајакната соработка со општините, невладините организации и проектите за меѓугранична соработка.