Арцелор Митал со нова инвестиција од 3,5 милиони евра

24

Компанијата Арцелор Митал ја претстави својата најнова инвестиција, вредна 3,5 милиони евра. Станува збор за печка за поцинкување на лимени плочи, според најсовремена технологија. Таа ги задоволува сите еколошки стандарди и овозможува драстично намалување на штетните емисии во воздухот, а освен тоа, овозможува компанијата да ја зголеми својата услуга, капацитет и квалитет на производството.

„Инвестиравме во најсовремена технологија со цел компанијата да обезбеди навремено доставување на квалитетни производи според потребите на нашите потрошувачи и според најсложените здравствени, безбедносни и еколошки прописи“, изјави Хуан Педро Химинез Наваро, извршниот директор на Арцелор Митал, на вчерашната презентација на оваа инвестиција.

Тој потсети дека Арцелор Митал – Скопје спаѓа во редот на 10 најголеми компании во Македонија, има над 550 вработени и преку 400 дилери остварува профит од 32 милиони евра годишно.

Според Бруно Рибо, регионалниот директор на Арцелор Митал, европската криза има негативен одраз и за челичната индустрија, а со тоа и врз работењето на компанијата. Тој рече дека поради големиот раст на цените на енергенсите и до 50%, од почетокот на годинава до сега трошоците во компанијата се зголемени за 15%.

Арцелор Митал е водечка компанија за производство на челик во светот и присутна е во повеќе од 60 земји. Во 2011 година имаше приход од 94 милијарди долари, произведе 54 милиони тони железна руда и 8 тони металуршки јаглен.