АСО: Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен 2,5 пати

70

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) доби 206 претставки од незадоволни осигуреници за работата на осигурителни компании и други учесници на пазарот во 2021 година. Бројот на претставки од осигуреници лани е зголемен за 2,4 пати во споредба со 2020 година, покажуваат официјалните податоци на АСО.

Во овој период АСО, врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници, на три осигурителни друштва им изрече четири мерки од кои две се парични глоби.

Осигуреници минатата година поднеле претставки за 18 учесници на осигурителниот пазар, а кај 16 од нив бројот на поднесени жалби е поголем во споредба во 2020 година.

АСО реши 42 претставки во корист на осигурениците во 2021 година.  Во однос на претходната година бројот на претставки решени во корист на осигуреници е поголем за 2,5 пати. Од сите поднесени претставки за 22 е утврдено дека се поднесени без основ, 12 се повлечени од подносителите, а 13 се во процес на постапување. Во корист на учесниците на осигурителниот пазар (компании, осигурителни брокери и други) се решени 65 претставки.

Најчесто, поточно во 79 случаи, осигурениците се жалеле на основот на кој се исплатуваат штети кои биле покриени со договори за осигурување. За висината на износот што осигурителните компании го понудиле за исплата на штета се пожалиле 52 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите. За роковите за обработка на штети се поднесени 16 претставки, а за рокот на исплата на штетата се жалеле 8 осигуреници. По други основи се поднесени уште 25 претставки.

Во 161 случај подносители на претставки се физички лица, а 39 претставки поднеле правни лица.

Најголем број претставки – 91 се поднесени за осигурани случаи од класата автоодговорност. За осигурување од незгода се поднесени 31 претставка, а за класата имот 21. За животно осигурување се поднесени 15 претставки, за приватно здравствено осигурување се поднесени 6 претставки. За другите осигурителни класи се поднесени 14 претставки.