АСО: Осигурителните друштва добивката за 2021 година да ја вложат во дејноста осигурување или да ја чуваат во резерви

101

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) им препорача на сите осигурителни компании да се воздржат од исплата на дивиденда за успешното работење во 2021 година, одлучи Советот на експерти (раководен орган) на АСО на последната седница одржана на 10 март.

АСО препорачува на сите осигурителни друштва кои минатата година ја завршиле со добивка тие средства да ги искористат за реинвестирање во дејноста осигурување или за зголемување на резервите на друштвата.

Воедно АСО препорачува, на компаниите кои планирале исплата на дивиденда на акционерите, тие средства да ги задржат и евентуално искористат за покривање на  непредвидени и неочекувани обврски од работењето до крајот на 2022 година.

Оваа препорака АСО ја донесе врз основа на проценката на ризиците поврзани со моменталното економско опкружување и можните ефекти врз работењето односно ликвидноста, солвентноста  и капиталната адекватност на друштвата за осигурување.

Од вкупно 16 друштва за осигурување минатата година со добивка од работењето ја завршиле десет осигурителни компании. Меѓу нив шест друштва се за неживотно осигурување, а четири се компании за осигурување живот.