Атлантик Група: 2014 одбележана со раст во работењето и најголем инвестициски циклус во развојот на производството

20

AG

Атлантик  Група во 2014 година оствари приходи од продажба во износ од 670,8 милиони евра, што во споредба со претходната година претставува раст од 2,4%. Добивката пред камати и даноци (EBIT) изнесува 57,8 милиони евра и порасна за 3,8%, додека нето добивката по исплатата на малцинските акционери изнесува 28 милиони евра и претставува раст од 2,6%.

“И покрај тоа што 2014 година беше обележана од тешки макро и микроекономски услови, примарно намалена лична потрошувачка, силна депресијација на руската рубља, елементарни непогоди во регионот и негативно движење на повеќето пазарни категории, Атлантик Група бележи приходи и профитабилност во согласност со најавените очекувања и со постојано намалување на задолженоста. Горди сме на остварениот резултат, а во 2015 продолжуваме да се фокусираме на понатамошен раст и интернационализација на работењето, управување со оперативните и финансиските ризици, одржување на ликвидноста и управување со финансиските обврски“, истакна Емил Тедески, претседател на Управата на Атлантик Група.

Работењето на Атлантик Група во 2014 година го обележа успешниот почеток на дистрибуцијата на асортиманот на Унилевер (Knorr, Hellman’s, Axe, Rexona, Brut, Signal, Coccolino, Domestos, Cif и многу други) на пазарот во Хрватска и Словенија, како и изградбата на нова фабрика за енергетски барови Multipower од асортиманот на спортска и активна исхрана во Индустрискиот парк Нова Градишка.

Со оглед на успешно завршената работа во предвидениот рок, технолошкиот тим започна со тестно производство во погонот за во првиот квартал од 2015 година производството да постигне целосна функционалност. Со ова е завршен најголемиот инвестициски циклус во проширувањето и развојот на сопствените производни капацитети во историјата на работењето на компанијата, со вкупна вредност од 13 милиони евра. Со цел понатамошна интернационализација на работењето и зајакнување на брендираниот асортиман, во ноември 2014, Атлантик Група потпиша договор за 100% преземање на компанијата Фудленд со седиште во Белград и производни погони во подножјето на Копаоник, во населбата Игрош. Најважниот дел од асортиманот на Фудленд под брендот Bakina tajna ги опфаќа деликатесните солени намази и сосови, слатки намази и природни сирупи и сокови од свежо овошје и зеленчук.

За вкупниот раст на приходите од продажба на Атлантик Група во 2014, највеќе придонесоа Стратешката бизнис област Деликатесни намази со раст од 3,1%, Стратешката дистрибутивна област Меѓународни пазари со раст од 4,8% и почетокот на дистрибуцијата на Унилевер во Стратешката дистрибутивна област Хрватска и Дистрибутивната област Словенија. Кафето, со 20,1% удел во вкупните приходи од продажбата, се истакнува како најголема поединечна категорија со 134,6 милиони евра приходи од продажба.

Гледано по пазари, најголем раст од 17,4% е остварен на пазарот во Словенија што изнесува 15,8% од вкупните приходи од продажба. Пазарот во Хрватска со 25,1% има најголем удел во вкупните приходи од продажба и оствари раст од 6,3%.

Сопствените брендови на Атлантик Група учествуваат во продажбата со 67%, дистрибуцијата на брендовите од принципалите со 18%, фармацевтскиот ланец Фармација со 6,2%, додека производите кои Атлантик Група ги произведува како приватни брендови за големите бизнис системи во земјата и странство учествуваат со 8,8% во вкупната продажба.