Австрија има можност да стане прв инвеститор во Македонија

29

Flag-Pins-Macedonia-Austria Австрија во моментов е втор најголем инвеститор во Македонија. Ние сме овде за да помогнеме таа да стане прва. Овде сме да им дадеме информации на компаниите кои сакаат да ги искористат можностите што ги нуди Македонија, истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Виена.
Тој ги информира присутните бизнисмени дека неодамна и кредитната агенција Фич го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и стабилниот банкарски сектор. Како значаен позитивен фактор го посочи фактот дека Македонија има склучено договор за слободна трговија со сите европски земји не само од ЕУ, туку и со земјите од ЕФТА, Турција, Украина, сите балкански држави.
“Тоа отвора пазар од 660 милиони потрошувачи. Тоа значи дека секој што ќе произведе нешто во Македонија може да го извезе во земјите со кои имаме договор за слободна трговија без царина”, истакна премиерот Груевски.
Премиерот додаде дека Македонија е и земја со најниски трошоци за водење бизнис, пред се осврнувајќи се на даночниот систем.
“Имаме најнизок даночен пакет за водење бизнис во Европа. Воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10%, што е најниско ниво во Европа. Дополнително на ова од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди. Ова е многу голема поволност за инвеститорите”, истакна Груевски.
Посочи дека дополнителни поволности за странските инвеститори нудат и технолошко-индустриските развојни зони, пред се целосно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање градежни дозволи.
“Во изминатите неколку години привлековме многу странски компании во економските зони, но и надвор од нив, истакна премиерот Груевски притоа набројувајќи некои од компаниите како Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кемек електроникс, Ван Хул, Дрекслер Мајер, Кромберг и Шуберт, Протек, Технохозе…”, додаде Груевски.