АвтоВАЗ планира производство на самоуправувачка Лада

19

Lada_Logo

Рускиот производител на автомобили АвтоВАЗ планира да произведе самоуправувачки возила, коишто би можеле да бидат од голема корист за сообраќајниот метеж во Москва, пишува Известиа.ру.

“И во Европа и во други земји постои глобална тенденција за активно создавање на беспилотно возило. И ние работиме на тоа оваа функција во иднина да ја користиме при производство на Лада“, вели Харалд Грубел, извршен потпретседател на АвтоВАЗ.

Компанијата развива технологија што е дел од системот за асистенција на возачите ADAS (advanced driver assistance system) и дел од механизмите за запирање на возилото до постигнување на одредена брзина.

Грубел смета дека потрошувачите за пет до 10 години ќе можат да очекуваат автомобил Лада опремен со технологија за самоуправување на возилото.

АвтоВАЗ важи за најголем руски производител на автомобили, којшто ќе биде докапитализиран оваа и следната година за вкупно 85 милијарди руски рубљи (околу 1,1 милијарди евра). Докапитализацијата ќе биде направена преку јавна понуда. Косопственици на АвтоВАЗ се конзорциумот Renault – Nissan и руската државна компанија Rostex.

Nissan нема да учествува во докапитализацијата, а Renault и Rostex можат своите побарувања од АвтоВАЗ да ги конвертираат во акции. Сите акции што ќе преостанат по јавната понуда ќе ги преземе Renault и на тој начин ќе стане сопственик на контролниот пакет акции во АвтоВАЗ.