
Мерцедес-Бенц планира значително да го скрати развојот на нови автомобили со примена на вештачка интелигенција (ВИ).
Според раководителот на развој Јерг Бурцер, процесот од почетокот на развојот до подготовката на возило за масовно производство, кој досега траеше во просек 56 месеци, би можел да се заврши за само 29 месеци.
За да се постигне оваа цел, германскиот производител го воведува системот PLM.AI, кој ги комбинира информациите од развојот, набавката, производството, продажбата и постпродажните услуги. На овој начин, на вработените би требало полесно да ги пронајдат потребните податоци, да донесуваат одлуки и да развиваат нови технологии.
Една од областите во кои примената на вештачката интелигенција би можела да донесе најголеми заштеди е тестирањето на безбедноста на возилата. Симулацијата на судир, која претходно им одземаше на инженерите помеѓу две и три недели, би можела да се заврши за само два часа со помош на новиот систем. Мерцедес очекува зголемување на ефикасноста до 50 проценти во одредени инженерски процеси.
„Клучот е секогаш да се забрза процесот што трае најдолго и го одредува вкупното време на развој“, нагласи Бурцер.
Во „Мерцедес“ веруваат дека ваквите технолошки подобрувања ќе им помогнат да бидат во чекор со конкурентите од Кина, кои сè повеќе развиваат и пласираат нови модели на автомобили.
Компанијата издвои околу 500 милиони евра за оваа технологија и очекува дека инвестицијата ќе се врати во рок од три до четири години. Првите значајни ефекти треба да се видат кај моделите што ќе пристигнат на пазарот кон крајот на 2027 година и во текот на 2028 година.
Воведувањето на вештачка интелигенција, сепак, би можело да влијае и на структурата на работната сила. Се очекува дел од задачите, особено во програмирањето, да бидат преземени од автоматизирани системи, додека „Мерцедес“ се обидува да го искористи знаењето и искуството на своите вработени и на други работни места.
Главната цел на германскиот производител е побрз развој на нови модели, намалување на трошоците и зајакнување на конкурентноста на глобалниот пазар, а воедно да одржува високи стандарди за квалитет и безбедност.












