Азиските берзи паднаа – Инвеститорите се загрижени за тензиите меѓу Кина и САД

17

На берзите во Азија денеска паднаа цените на акциите бидејќи новите податоци потврдија дека растот на најголемите регионални економии забавува и затоа што инвеститорите се загрижени поради растечките трговски тензии меѓу Кина и САД. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион беше намален за 0,5 отсто околу 6:30 часот. Истовремено, јапонскиот индекс Никеи ослабе за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Шангај, Австралија и Хонг Конг паднаа меѓу 0,2 и 1,3 отсто.

Азиските пазари се под притисок поради новите податоци кои покажуваат дека економскиот раст во регионот забавува. Извештаите објавени утринава покажуваат дека активноста во кинескиот и јапонскиот услужен сектор се зголемила во јуни, но со значително побавно темпо од еден месец претходно.

Се чека објавување на записникот од последната седница на ФЕД
Покрај тоа, трговските тензии растат поради борбата за превласт во технолошкиот развој. Откако САД неодамна воведоа ограничувања за извоз на некои видови чипови во Кина, кинеските власти најавија ограничување на извозот на два ретки минерали, кои се користат за производство на чипови, во западните земји.

Цените на акциите вчера пораснаа на берзата во Сиднеј, откако австралиската централна банка одлучи да ги остави каматните стапки непроменети. Но, таа рече и дека поради високата инфлација може да се очекува дополнително заострување на монетарната политика.

Внимателни се и инвеститорите бидејќи во среда ќе бидат објавени записниците од последната седница на американската централна банка, што може да укаже на тоа како челниците на ФЕД ја оценуваат ситуацијата во однос на економијата и инфлацијата.