Балканските економии и кризата во 2012 година

18

Економската иднина на Балканот во голема мера зависи од судбината на еврозоната. Сите балкански економии се поврзани со еврозоната и падот на побарувачката од монетарната унија им нанесува сериозна штета. Балканските земји секогаш имале посиромашни економии од западните држави, посочуваат аналитичарите од Economist Intelligence Unit. Тие просперирале само кога и другите економии се во добра состојба и страдале заедно со нив, сумираат аналитичарите. Сегашната криза не е исклучок.

Еве какви беа економиите во 2012 година на Балканот:

Грција

Години наназад, Грција беше дефинирана и сама се гледаше како финансиски столб во југоисточна Европа. До неодамна таа беше единствената земја членка на Европската унија од регионот, што и овозможуваше да игра улога на стабилизирачки фактор како во однос на политиката, така и во економијата.

Грчкиот бизнис ги почувствува можностите уште кон крајот на минатиот век и брзо стана еден од најголемите инвеститори во регионот. Највидливо беше грчкото присуство во банкарскиот сектор. Во 2008 година се појавија првите знаци дека економијата на Грција се заморува – бруто домашниот производ почна да расте со побавно темпо, а буџетскиот дефицит се зголеми. Постепено земјата премина од економски раст кон рецесија. Дури се заговараше и Атина да излезе од еврозоната. Грција мораше да побара помош од европските партнери и во мај 2010 година беше потпишан кредитен договор на 110 милијарди евра. Подоцна стана јасно дека оваа сума не е доволна за да ја крене грчката економија на нозе, а државата да ги исплати своите обврски. Затоа беше договорен втор кредит од 130 милијарди евра, што предвидуваше и постапката за отпишување на дел од државниот долг.

Годинава, по бурни дебати и улични протести, Атина усвои серија рестрикивни мерки што мора да ги спроведе во замена за финансиска помош. Поради доцнење во спроведувањето на реформите што ги бараше Тројката кредитори (Европска унија, Европска централна банка и Меѓународен монетарен фонд), парите за Грција беа блокирани. Атина започна брза постапка за откуп на обврзници, која заврши успешно на 10 декември и го намали долгот за околу 20 милијарди евра. Тоа доведе и до одлука на министрите за финансии од еврозоната, ден подоцна да се деблокираат 52,5 милијарди евра од финансиската помош за Грција. Приливот на пари, сепак зависи од исполнувањето на преземените обврски од Атина, кои предвидуваат намалување на трошоци, намалување на платите и пензиите, намалување на бројот на вработени во државните служби, промени во даночната политика, приватизација.

Грција 2012 ја завршува со рекордно висока невработеност во последните 15 години, од 26%, преку 20% од населението живее на прагот на сиромаштијата, малите и средни претпријатија се загрозени од исчезнување, а постои и сериозен одлив на странски инвеститори.

Словенија

До неодамна Словенија важеше за пример број еден од поранешните југословенски републики меѓу новите членки на ЕУ, но си го расипа успехот. Оваа година не е веќе одлична, сега е само просечна.

Словенечката влада повеќе пати мораше да ги уверува своите граѓани дека ќе ја избегне потребата да побара меѓународна финансиска помош, дека ќе успее да ги спроведе потребните реформи за финансиска консолидација и со сопствени сили ќе избегне банкрот. Но, проблемите со кои се соочи Словенија ги покажаа слабостите на нејзината економија, која во голема мера остана под државна контрола.

Поразена од острата рецесија, Словенија очекува оваа година нејзиниот буџетски дефицит да достигне 4,2% БДП, по 6,4% во 2011 година. Владата ги намали платите во државниот сектор и повеќето социјални исплати, а за следната година подготвува уште кратења.

Во август трите најрелевантни агенции го намалија кредитниот рејтинг на земјата поради влошување на ситуацијата во банкарскиот сектор, како резултат на издавање сомнителни кредити. Ситуацијата во земјата предизвика загриженост и кај ММФ, кој кон крајот на октомври објави дека Словенија – првата комунистичка држава која го усвои еврото – преживува “една од најсериозните рецесии во еврозоната”. ММФ ја истакна итната потреба од реформи, вклучувајќи приватизација на банките и на државните компании. Локалните банки, главно државни, се борат со лошите кредити, акумулирани главно од градежни компании. На крајот на годината Словенија сепак се обиде да се врати во игра – словенечкиот парламент ја усвои долго одложуваната пензиска реформа, со која се зголемува старосната граница за заминување во пензија од 58 на 65 години.

Хрватска

Хрватска, која во јули следната година ќе и се приклучи на Европската унија, очекува 2013 година да биде успешна и на економски план. Владата на земјата, која е четврта година по ред во рецесија, се надева на раст од 1,8% следната година, а министерот за финансии Славко Линиќ смета дека тоа може да се постигне ако се зголемат државните и приватните инвестиции.

Повеќето аналитичари и ММФ, сепак, во најдобар случај очекуваат раст од 1%.

Со рекордна невработеност од речиси 20% и со банкротирани бизниси или држејќи се на работ на опстанокот, Хрватска денес е во најтешка економска ситуација од својата независност по распадот на поранешна Југославија. Аналитичарите коментираат дека во земјата владее антипретприемачка клима, странските инвеститори не доаѓаат, а бројните бирократски пречки за инвестициите го одбиваат капиталот.

Усвоениот буџет за 2013 година е со повисок дефицит од таванот од 3% на ЕУ – 3,8%. Сепак, Хрватска е една од малкуте земји чиј кредитен рејтинг не беше намален оваа година и покрај падот од 5,5% на индустриското производство и 5,1% на потрошувачката.

Босна и Херцеговина

ММФ во септември одобри двегодишен заем во износ од 520 милиони долари за Босна и Херцеговина, за поддршка на економската програма на Владата. Кредитот треба да и помогне на БиХ да им се спротивстави на ефектите од влошувањето на економската состојба во надворешната средина и да ги реши внатрешните структурни прашања. Во последните месеци, економското закрепнување во БиХ го загуби импулсот и прогнозите за раст се свртеа надолу. Според прогнозите на ММФ, БиХ оваа година нема да има економски раст, а следната година очекува БДП да се зголеми за 1%. Потрошувачките цени оваа година ќе се зголемат за 2,2%, а следната за 2,1%.

Србија

Во јануари ММФ го замрзна стенд-бај договорот со Србија во вредност од една милијарда евра поради зголемувањето на државните трошоци. Дефицитот на Србија во 2012 година се зголеми до околу 7% од бруто домашниот производ. Економијата на Србија е нереформирана и неспособна да се справи со европската должничка криза, страда од многу проблеми, меѓу кои од високото ниво на невработеност од речиси 30% и слабиот динар, кој во 2008 година загуби 50% од својата вредност.

Новата влада во Белград, којашто ги обнови преговорите со ММФ во ноември и се надева дека ќе потпише нов договор на почетокот на следната година, вели дека има потреба од него како гаранција за странските инвеститори дека економијата е на вистинскиот пат.

Министерот за финансии и економија, Млаѓан Динкиќ, вети дека ќе го држи државниот долг под 65% БДП во 2013 година и дека ќе го намали на помалку од 60% за една година подоцна.

Буџетот за следната година предвидува намалување за половина на дефицитот, од речиси 7% на 3,3% БДП. Во 2014 година, Владата дополнително планира да го намали буџетскиот дефицит до 1,9%, а во 2015 година – до 1%.

Црна Гора

ММФ е загрижен од забрзаната акумулација на државниот долг на Црна Гора, кој до јуни достигна 47,9% од БДП на земјата. Фондот и препорача на црногорската влада да ги рационализира трошоците, да ги намали платите и бројот на вработените и да ги зголеми даноците, но идеите не беа примени со радост во Подгорица.

Според ММФ, Црна Гора ќе постигне економски раст од минимум 0,2% оваа година, а следната 1,5%. Потрошувачките цени оваа година ќе се зголемат за 3,4%, а следната за 3%.

Македонија

Во следните две години Македонија ќе има поголем економски раст од Европската унија и еврозоната, според есенските економски прогнози на Европската комисија за 2012, 2013 и 2014 година. По намалувањето на бруто домашниот производ за 0,9% во 2009 година и раст од 2,8% и 2,9% во 2010 и 2011 година, за оваа година Комисијата предвидува раст на македонскиот БДП од 0,8%.

Прогнозата за Македонија е подобра и за следната година, кога се предвидува 1,7% раст, а за 2014 година раст од 2,2%. Според прогнозата на ММФ, Македонија оваа година ќе забележи раст на БДП од 1%, а во 2013 година 2%.

Инфлацијата и оваа и следната година ќе биде 2%. Најголема загриженост во Македонија предизвикува невработеноста, која оваа година е 30,8%. Европската комисија истакнува дека 54,9% од младите работоспособни Македонци се без работа, иако се очекува до 2014 година невработеноста во Македонија да се намали до 30%.

Косово

Во април ММФ одобри програма за кредитна помош на Косово во износ од 106,6 милиони евра. Средствата се наменети за период од 20 месеци, до крајот на 2013 година. Основни предизвици за Косово се реконструкција на финансиско – буџетската стабилност, зајакнување на даночниот систем и зачувувањето на финансиската стабилност. Косово, кое прогласи независност од Србија во февруари 2008 година, стана член на ММФ една година подоцна, но не е член на ОН.

Албанија

Албанија е меѓу земјите кои страдаат од намалување на извозот и пресушување на директните странски инвестиции поради должничката криза во еврозоната, која е главен партнер за трговија и инвестиции во регионот. ММФ предупреди дека глобалната криза почнала да влијае врз албанската економија и земјата треба да преземе чекори да го ограничи државниот долг. Од почетокот на глобалната криза во 2008 година, албанската економија постигна само мал пад во растот благодарение на навремените политички мерки и претпазливи макроекономски активности.

ММФ предвидува дека економскиот раст на земјата ќе се намали за 0,5% во 2012 година и ќе се забрза до 1,3% во 2013 година, а стапката на инфлација во 2012 година ќе се одржи во едноцифрени вредности. Мисијата на ММФ ги издвојува надворешните ризици, особено кризата во еврозоната, како закана за албанската економија. Високиот државен долг на Албанија крие макроекономски и фискални ризици, предупредува ММФ. Експертите и препорачаа на Тирана зголемување на приходите и намалување на трошоците, а приходите од приватизација да се користат главно за намалување на долгот и за покривање на неплатени јавни обврски.

Романија

Романија беше првата земја од ЕУ која побара финансиска помош од Европската комисија, ММФ и Светската банка во 2009 година, кога нејзината економија се намали за 7,1%. За да може да продолжи да исплаќа пензии и плати, Букурешт склучи двогодишен договор за заем од 20 милијарди евра. Потоа потпиша двогодишен договор од претпазливост во вредност од пет милијарди евра.

Директните странски инвестиции во Романија паднаа на 1,1 милијарди евра за првите девет месеци од годинава, од рекордни 9,5 милијарди евра во 2008 година. Политичката нестабилност дополнително ги плаши инвеститорите, а поради слабата администрација и корупцијата, Романија не успеа да ги искористи средствата од европските фондови во износ од околу 30 милијарди евра за периодот 2007-2013 година. Сепак, Романија цврсто има зацртано да го прифати еврото како единствена валута во 2015 година.