Банките ги заострија услови за одобрување кредити на компании

40

Во третиот квартал на 2020 година, одговорите на банките укажуваат на нето заострување на условите за одобрување корпоративни кредити за разлика од значителното нето-олеснување забележано во претходната анкета за кредитна активност на Народна банка.

Сепак, и понатаму најголемиот процент од банките укажуваат на непроменети кредитни услови. Во оваа анкета, е забележано зголемување на процентот на банките коишто укажуваат на заострување на кредитните услови (околу 19% од банките наспроти 5% во претходната анкета), при намалување на процентот на банки коишто ги олесниле кредитните услови (околу 13% од банките наспроти 50% во претходната анкета).

Нето-заострувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во третиот квартал од годината, не е во согласност со очекувањата на банките за умерено нето-олеснување, дадени во претходната анкета за истиот квартал. За четвртиот квартал од 2020 година, банките упатуваат на нето олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити, но послабо во однос на очекувањата дадени во претходната анкета.

Анализирано од аспект на поединечните услови за кредитирање на фирмите, во третиот квартал банките укажаа на нето-заострување кај некаматните приходи, за разлика од нето-олеснувањето во претходниот квартал. Кај барањата за обезбедување, банките и понатаму укажуваат на нето-заострување, слично како во претходната анкета. Исто така, промена се забележува кај големината на заемот, каде што банките укажуваат на незначително нето-олеснување, за разлика од умереното нето-заострување минатиот квартал. Кај каматната стапка, се забележува нето-олеснување слично како и во претходниот квартал. Кај достасувањето на заемите, одговорите на банките укажуваат на послабо нето-олеснување, во однос на претходниот период.

Во поглед на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, во рамките на групата “трошоци на финансиските средства и ограничувања на билансот на состојба“, факторите пристап на банката до пазарно финансирање и ликвидносната позиција на банката придонесуваат за нето-олеснување на кредитните услови, но поизразено кај првиот фактор и послабо кај вториот фактор во однос на претходната анкета, додека факторот трошоци поврзани со капиталната позиција на банката придонесува за мало нето-заострување, исто како и во претходниот квартал.

Од факторите кај групата “притисоци од конкуренцијата“, факторите конкуренција од други банки и конкуренција од пазарно финансирање и понатаму придонесуваат за олеснување на кредитните услови, но послабо во споредба со претходниот квартал. Во оваа насока делува и конкуренцијата од небанкарскиот сектор, слично како во претходната анкета. Трите фактори од групата фактори за “согледување на ризикот“: очекувањата за вкупната економска активност, очекувањата за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието, како и ризикот од неизвршување на обезбедувањето и понатаму придонесуваат за нето-заострување на кредитните услови, но послабо во споредба со претходната анкета.

Фото: Freepik