BBC: Скриените бисери на Македонија

400

Охридското езеро е едно од најстарите и најдлабоки езера во Европа. Езерото со смарагдно – зелена боја е дом на 212 познати видови на ендемски растенија и животни. Една од нив е рибата плашица, којашто е многу важна состојка што е неопходна за правење на познатите охридски бисери, пишува ВВС.

Скоро 100 години постојат две семејства во овој град кои знаат како се прави охридскиот бисер, а тоа се семејствата Филеви и Талеви.

За разлика од обичните, охридските бисери се прават од лушпи од школки коишто се собираат и со додавање на најмалку осум слоеви од тајна емулзија се обликуваат топчиња со посебен сјај. Секој слој мора добро да се исуши пред да се нанесе следниот, што може да потрае од 45 минути до еден час. Главната состојка на тајната емулзија е лушпата од рибата плашица.

Историјата на охридските бисери датира од 1920-та година, кога руски мигрант ја покажал техниката на правење на бисери на членови од овие две семејства. Од тогаш, Филеви и Талеви ја пренесуваат тајната на своите потомци по усмен пат и тоа само на машките наследници.

Се проценува дека животниот век на охридскиот бисер е околу 150 години, а од семејството Талеви велат дека охридските бисери траат вечно.

Меѓу познатите лица од светот кои ја препознаа автентичноста и убавината на охридскиот бисер се данската кралица Маргарета Втора, како и кралицата Елизабета Втора и принцезата Дајана.

Фото: Facebook/Ohridski biser familija Talevi