Белата куќа повикува уште повеќе земји да се придружат кон глобалното оданочување на корпорациите

77

САД сè уште работат на тоа што повеќе земји да се приклучат кон договорот потпишан неделава од 130 држави, а со којшто се поддржува минималниот глобален данок на корпорациите од најмалку 15%, изјави економскиот советник на Белата куќа, Брајан Дис.

“Договорот ќе помогне да се поттикнат напорите на претседателот Џо Бајден за зголемување на глобалната даночна стапка кај нас дома и да генерира приход за разни инвестиции“, изјави Дис пред новинарите во Белата куќа.

Официјални лица од 130 од 139 земји учеснички во разговорите, предводени од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во четвртокот се согласија дека ќе бидат наметнати правила за меѓународните компании.

Меѓу земјите кои не го потпишаа договорот се Ирска, Унгарија и Естонија, членки на Европската унија кои се обидуваат да привлечат инвестиции преку ниски домашни даноци.

“Ова е процес. Ние ќе продолжиме да работиме на тоа. Ова е пресвртница во процесот, но, исто така, и силен сигнал за промена кон крајната цел“, рече Дис.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц по состанокот со американскиот министер за финансии Џенет Јелен кажа дека ЕУ очекува брза примена на глобалниот данок и покрај тоа што неколку земји членки одбиваат да го потпишат договорот.

“Јас сум оптимист“, рече тој, додавајќи дека очекува група од 20-те најголеми светски економии да им се придружат на земјите од Г7 во поддршката на планот на состанокот на економските претставници на Г7 што ќе се одржи следната недела во Венеција.

ОЕЦД соопшти дека планот за спроведување и преостанатите прашања ќе бидат финализирани до октомври, додека договорот се очекува да се спроведе во 2023 година.

Шефот на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, во четвртокот ги повика и земјите кои одбија да се приклучат кон договорот, велејќи дека тоа ќе биде во нивен интерес.

Фото: Pixabay