Берзанскиот промет за 36% понизок во првиот квартал

23

Вкупниот берзански промет по сите основи во првиот квартал од оваа година изнесува околу 43 милиони евра, што претставува намалување од 36% наспроти истиот период лани кога вкупниот промет изнесуваше 68 милиони евра, покажува анализата на Македонска берза за првите три месеци од оваа година.

Основна причина за ваквото намалување, како што се наведува, е екстремно високиот промет со акции во март минатата година поради големата ценовна осцилаторност што настана лани како последица од избувнување на пандемијата.

Консеквентно, прометот со акции во БЕСТ системот во првиот квартал оваа година изнесува околу 21 милиони евра и е за 49% помал во однос на истиот период 2020 година. Ваков тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции којшто во првиот квартал од 2021 година изнесува 91, додека просечниот дневен промет во првиот квартал од 2021 година изнесува околу 493 илјади евра.

Од друга страна, подеталната aнализа на прометите со акции од редовно тргување во БЕСТ системот оствaрени во првите квартали во последните пет години покажува дека прометот во првите три месеци од оваа година, со исклучок на ланскиот прв квартал, е втор најдобар резултат во последните пет години. Исто така, за одбележување е многу високо зголемување на прометот остварен од тргување со обврзници, кој бележи пораст од 995% YoY. Ова, пред сè, се должи на новата емисија на обврзници на денационализација во вкупна номинална вредност од 11,5 милиони евра, после едногодишната пауза.

Од аспект на структурата на прометот во првиот квартал, околу 68% од прометот е остварен од тргување со котираните компании, околу 31,6% е остарен преку блок трансакции, додека многу мал процент (0,22%) е реализиран од тргување со некотирани компании.

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните десет акции на Македонска берза, во првиот квартал од 2021 година бележи пораст од 2,98%, споредено во однос на последната вредност на индексот на крајот на 2020 година. Доколку се анализира по месеци после порастот во јануари (4,07%) и февруари (2,25%), во март индексот бележи пад од 3,23%. Највисоката вредност на индексот во првите три месеци изнесуваше 5.150,20 индексни поени (на 17.02.2021 година), додека најниската вредност на индексот беше 4.710,31 поен (на 04.01.2021 година).

Анализата на ценовните движења на поединечните акции од актуелниот состав на МБИ10 индексот во три месеци од 2021 година покажува дека акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје бележат најголем пораст (9,25%). Потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје (8,23%) и Стопанска банка АД Скопје (4,11%). Само кај три акции, елементи на МБИ10 се забележува надолна корекција на цените. Во продолжение е прикажана ценовната перформанса на сите елементи на МБИ10 во првиот квартал од 2021 година.

Најтргувани хартии од вредност во анализираниот период се акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 11,98 милиони евра, потоа следат акциите издадени од НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 3,40 милиони евра и акциите на Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од околу 3,21 милиони евра. Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 индексот во прометот со акции од класично тргување во БЕСТ системот за првите три месеци од 2021 година изнесува 93%, што е вообичаено висока концентрација на класичното тргувањето во овие акции.

До крајот на март беа објавени и неревидираните финансиски резултати на котираните компании за 2020 година. Од 98 котирани компании, 66 регистрирале добивка, 29 загуба, додека три компании не доставиле финансиски извештај (за истите ќе следат соодветни санкции). Вкупната прикажана нето добивка на котираните компании за 2020 година е намалена за околу 0,21% споредено со 2019 година.

Фото: Pixabay