Фото: Facebook
Берзата во Турција развива нови финансиски инструменти што ќе донесат поголеми приноси со пониски ризици, а ќе бидат базирани на неколку невообичаени производи, како што се популарни телевизиски серии, проекти за производство на автомобили и градежни проекти, пишува Хуријет.
“Ние сакаме да продаваме престижни проекти. Работиме на неколку модели, вклучувајќи популарни телевизиски серии и мостови, преку коишто може да ги споделиме приносите со инвеститорите. Исто така, сакаме на берзата да се тргува и со еврообврзници“, вели Химет Карадаг, директор на истанбулската берза.
Тој изјави дека веќе се организирани состаноци со претставници од повеќе холдинзи во земјата, со цел да се претстават новите модели на финансирање.
“Ние ќе понудиме обврзници, на пример, коишто ќе се искористат за финансирање на проекти поврзани со производство на автомобили… Постојат и други индустрии со коишто преговараме“, додаде тој.
Кога станува збор за турските серии, според Карадаг, ќе се понудат “хибридни“ обврзници за нивно снимање. Инвеститорите во овој вид на хартии од вредност ќе добиваат точно утврден принос што го генерираат обврзниците, но и дополнителен што ќе зависи од рејтингот на гледаност на серијата или нејзино прикажување во странство.