Без уредба за енергетска сиромаштија, граѓаните ќе можат да ја тужат Хрватска

22

hrХрватската влада ќе мора до 8 мај да донесе уредба со која, согласно директивите на Европската унија, ќе се дефинира енергетска сиромаштија, но и мерки со кои би се ублажила. Доколку Хрватска влезе во ЕУ без дефинирана енергетска сиромаштија, граѓаните ќе можат да ја тужат државата поради непочитување на зададените европски директиви, пишува Нови лист.

Според европската дефиниција, енергетски сиромашно домаќинство е она кое за основни енергетски потреби, значи електрична енергија и греење, мора да издвои преку 10% од своите примања. Во Европа енергетски сиромашен е секој седми жител, а најлоша е состојбата во Бугарија, каде дури 65% од домаќинствата не можат да си дозволат адекватно количество греење во зима. Зад нив се Полјаците со 25%, 15% Унгарци се енергетски сиромашни, а 10% Италијани.

Многу држави во Европа имаат фонд за енергетски сиромашни, без разлика дали примаат социјална помош или не. Хрватските мерки, пишува весникот, најверојатно ќе се однесуваат само на примачите на социјална помош, не и на останатите енергетски сиромашни, како пензионерските домаќинства, самците, невработените…

Нови лист пишува дека Енергетскиот институт Хрвоје Пожар работи на формулите за пресметување на енергетскиот минимум потребен за едно домаќинство, во зависност од поднебјето во кое се наоѓа, видот и количината на греење, квадратура на просторот, бројот на луѓе што живеат во конкретното домаќинство. Кога ќе биде дефиниран енергетскиот минимум, Владата треба да донесе уредба за тоа што е енергетски сиромашно домаќинство и да одреди како ќе им се помага на таквите домаќинства.