Безбедноста на вакцините против Ковид-19 и развојот на бизнисите во време на криза во фокус на вториот ден од Самитот Македонија2025

27

Денеска е вториот ден од деветтото издание на Самит Македонија2025 кое се одржува во дигитална/ хибридна форма. Денот започна со интерактивна дискусија под наслов Светот во време на криза, организирана од Келог Алумни Клубот на Македонија2025, каде свои излагања имаа Борут Штрукељ – Универзитетски професор на Катедрата за фармацевтска биологија на Факултетот за фармација при Универзитетот во Љубљана, член на тимот за развивање на вакцината за Ковид 19 и Ѓорѓе Војновиќ – главен извршен директор на Триглав Осигурување АД Скопје.

Во моментов, во фармацевтската индустрија генерално има две клучни работи односно дилеми поврзани со откривањето вакцина против Ковид-19, а тоа се безбедноста и ефикасноста. Колкава би била безбедноста и ефикасноста доколку се земе предвид краткото време за развој, од една година.

“Драго ми е што ќе зборувам на оваа тема. Токму тоа е основното прашање, како ќе развиеме вакцина за толку кратко време, ако земеме предвид дека за тоа реално се потребни три до четири години. Беа инвестирани билиони евра за најкратката можна процедура, а тоа го олесни целокупниот процес. Секако, безбедноста е најважна. Кога станува збор за ефикасноста, новите вакцини се многу добри, но мора да се внимава на безбедноста. Новите вакцини се составени од РНК И ДНК молекули, значи само од генетски материјал.  Може да се каже дека на некој начин поради тоа се поефикасни и побезбедни. Сепак, мора да сме внимателни“, истакна професорот Борут Штрукељ.

Во своето излагање тој исто така ја објасни разликата меѓу типовите на вакцини и направи споредба меѓу оние на Модерна, Фајзер, Астра Зенека, руската и кинеската вакцина.

“Секоја земја, секое Министерство за здравство е одговорно за вакцинацијата и ќе има можност да одбере од најмалку три различни вакцини на пазарот. Светот има повеќе опции. Но, се’ уште е тешко прецизно да се зборува за безбедноста и ефикасноста“, истакна Штрукељ.

Понатаму, на панел дискусијата Исти правила – различни земји: Како да започнете и изградите успешен бизнис?, публиката имаше можност да слушне за искуствата од врвни докажани луѓе од сферата на домашниот и меѓународниот бизнис.

Вториот ден од Самитот го заокружија Мајк Зафировски, Ко-основач и член на Одборот на директори на Македонија 2025 и Харди Пемхива, Извршен директор и Управен директор на Еконет глобал лимитид, Јужна Африка со интересна дискусија на тема Совршени животни метрики.

Во обид да ѝ се помогне на сопствената држава, Македонија2025 изработи и платформа за поврзување на македонски компании со професионалци и експерти со македонско потекло од светот. Посетителите на виртуелниот Самит можат да очекуваат интересни содржини и во текот на утрешниот последен ден.