Би-Би-Си планира да отпушти 2.000 работници

Следната недела, британскиот јавен сервис Би-Би-Си ќе објави прекин на стотици работни места во информатичкиот сектор, што е првиот чекор од најавените промени и радикално намалување на бројот на вработени со цел намалување на трошоците.

На сите сектори на медиумската корпорација им е наредено да ги намалат трошоците за една десетина за да заштедат стотици милиони фунти, а се очекува тоа да резултира со 2.000 отпуштања, пренесува Бета.

Информативниот сектор на Би-Би-Си треба да биде првиот што ќе го открие планот следната недела, а луѓе запознаени со ова прашање велат дека очекуваат да бидат објавени стотици отпуштања на работни места.

Околу една четвртина од вкупно 20.000 вработени во медиумската компанија работат во редакции кои произведуваат вести за телевизиски и радио програми, веб-страници, мобилни апликации и регионални услуги.

Се очекува дека одлуката ќе влијае на одредени радио емисии, а последиците ќе ги почувствуваат гледачите и слушателите на Би-Би-Си.

Според неименуваниот извор на Фајненшл тајмс (FT), најголемиот дел од трошоците на информативниот сектор се платите на вработените, па затоа намалувањата ќе доведат до непропорционално губење на работни места во тие тимови во споредба со другите сектори на корпорацијата каде што дел од заштедите може да се постигнат без отпуштања.

Новиот генерален директор на Би-Би-Си, Мет Бритин, минатиот месец изјави за FT дека претстојат „тешки и непопуларни одлуки“ за да се обезбеди финансиски стабилна иднина.

На ниво на целата корпорација, веќе се воведени контроли на трошоците за работни места и службени патувања, како и намалување на плаќањата за консултантски услуги, конференции, награди.