БиХ ќе ги заостри контролите за увоз на грозје

31

grozjeМинистерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ ќе подготви прописи со кои ќе воспостави контрола на увоз на грозје во БиХ и на тој начин ќе им помогне на домашните произведувачи, изјави министерот Мирко Шаровиќ.

“Во БиХ се увезуваат огромни количини грозје и мораме да ги заостриме контролите, да се знае кој може да увезува”, вели министерот Шаровиќ за Ослобоѓење и додаде дека винската индустрија мора да се развива од сопствено производство на грозје и домашни автохтони сорти, а не од увозно грозје, пренесува Seebiz.

Во анализата на винскиот сектор на БиХ, кој во 2012 година го направи Организацијата за храна и земјоделие на ОН, бројот на стопански имоти на произведувачи на грозје, првенствено за производство на вино, се проценува на 11.000, од кои повеќето се мали произведувачи за сопствени потреби и локалниот пазар, со променливи цени. Помалку од 200 имоти произведуваат грозје на повеќе од два хектари земја. Врз основа на истражувањето се проценува дека продажната цена на литро вино во просек е седум конвертибилни марки (3,6 евра) за регистрирани произведувачи на локалните пазари, а две КМ (1,02 евра) за извозните пазари.

Потрошувачката на вино по жител во БиХ минатата година изнесуваше два литра, а во 2010 година 5,4 литри.