Билет за јавен превоз во Норвешка чини над три, а во Венецуела 0,09 евра

45

Јавниот превоз може да се покаже како одлично решение за градскиот метеж, особено во период кога воздухот е премногу загаден. Една од препораките е токму возење со јавен превоз, бидејќи така заштедувате време, а во исто време влијаете и на животната средина.

Со податоците на Numbeo ќе направиме пресек на цените на билетите за еден правец за јавен превоз низ светот.

Во Норвешка просечната цена на билет во еден правец со јавен превоз е 3,62 евра, што е највисока цена во светот. Меѓу петте земји со највисоки цени на билети во еден правец со јавен превоз се и: Исланд (3,47 евра), Данска (3,21 евра), Швајцарија (3,12 евра) и Финска (три евра).

Од земјите во регионот, највисока цена на билет за јавен превоз има во Грција, каде чини 1,40 евра. Во останатите земји од регионот се и: Хрватска (1,34 евра), Словенија (1,30 евра), Црна Гора (0,90 евра) и Србија (0,76 евра). Македонија е 59-та во светот со просечна цена на билет за јавен превоз во еден правец од 0,57 евра. Од кај нас, поевтин билет имаат Бугарија (0,51 евра) и Албанија (0,33 евра).

Најевтин билет за јавен превоз, според податоците, има во Венецуела и чини 0,09 евра. Меѓу петте земји во коишто јавниот превоз е скоро бесплатен се и: Шри Ланка (0,10 евра), Узбекистан (0,14 евра), Азербејџан (0,16 евра) и Грузија (0,16 евра).