Битолчани победија на програмерскиот маратон Codefest

19

На програмерскиот маратон Codefest кој се одржа изминатиот викенд на УИНТ Свети Апостол Павле победи тимот Equate од Битола, кој работеше на паметна апликација за телефони со која може од далечина да се регулираат уреди во домот. Ова е технологија на иднината која спаѓа во концептот на т.н. „паметни домови”.

Второто место го доби тим од студенти од Азија, кои работеа на апликација која го олеснува пишувањето пораки со тоа што истата препознава говор и самата го запишува она што корисникот и го говори, но исто така и може да му го прочита веќе напишаниот текст на корисникот. Третонаграден беше тимот Ministry of Silly Code кој изработи 3D игра – сложувалка со виртуелна реалност.

Ова беше второ издание на Codefest, во организација на тимот од студенти на УИНТ H-Sense, со организациска поддршка од страна на универзитетот, студентскиот парламент и студентскиот технички клуб SITE. Студентскиот натпревар во програмирање траеше непрекинати 32 часа и 130 учесници од цела Македонија беа поделени во 26 тимови и ги „искодираа” своите креативни и иновативни идеи.

„Огромно е изненадувањето од интересот за Codefest оваа година како и задоволството од целокупниот тек на настанот, особено од креативноста на учесници и идеите кои ги генерираа на преку ова маратонско програмирање. На победниците им ги честититаме заслужените награди, а на сите тимови им посакуваме нивните идеи да си го најдат патот до своја крајна реализација на пазарот”, вели Вилијам Асиама, еден од организаторите на настанот.

На маратонскиот натпревар беа доделени награди во различни категории: најдобра иновација, најдобра бизнис идеја, најдобра веб апликација, најдобра мобилна апликација, најдобар дизајн и најдобра тимска соработка.