Бизнис бонтон – Како да организирате добро деловно патување

102

Планирање на приватно или деловно патување може да биде одлично искуство, доколку го оттргнете стресот. Деловните патувања се важен линк меѓу деловни компании, соработници, партнери, потенцијални клиенти… кои и во ерата на дигитализација добиваат сè поголема важност.

Иако понекогаш може да искомуницирате преку интернет со вашиот клиент кој е оддалечен илјадници клиенти, сепак заедничките средби на едно место се мошне важни за зацврстување на соработката. Експертите сметаат дека трошоците за деловни патувања следната година би надминале 1,6 милијарди долари. Овие неколку совети ќе ви помогнат да организирате корпоративно патување како што доликува.

Одберете соодветен и пристоен хотел – сместувањето што ќе го одберете не мора да ги има сите ѕвезди, туку треба да ги има сите неопходни предуслови. Локација, можност за користење такси услуга или јавен превоз, близина до местото каде што ќе се одвиваат средбите, настаните, состаноците… Сите овие детали се пресудни при избор на соодветен хотел. Ако треба да подготвите презентација, да имате вебинар со вашите колеги и слично, ќе биде неопходно хотелот да има стабилна интернет врска. Затоа, кога го избирате хотелот помислете на сите важни елементи што треба да ги има за да ги задоволи вашите потреби.

Логистиката е важен предуслов за успешно патување. Тоа подразбира организирање на патување. Ако патувате со автомобил, потребна е проверка за да бидете сигурни во неговата исправност. Ако дестинацијата е подалечна, патувајте со автобус или авион. Па така, одберете го најкомфорниот начин на патување, водејќи сметка дека ќе бидете безбедни и вие и сите оние работи што ќе ги носите со себе. Доколку патување со авион, букирајте билет на време, почитувајте ја саатницата за чекирање и опуштете се пред летот.

Патничко осигурување – неизбежен елемент за патување без главоболки. Иако кога го планирате патувањето, осигурувањето не е првата работа што ви паѓа на ум, сепак е важно да го имате. Осигурувањето ќе биде ваш сопатник за безбедно патување, доколку дојде до влошување на здравствената состојба или повреда, без здравствено осигурување во некоја странска земја, може да имате многу проблеми.

Бидете практични – практичноста при патување може да се согледа доколку успеете да понесете со себе сè што ви е неопходно. Понекогаш нема да имате доволно простор да ги складирате сите документи, папки, податоци, рекламни материјали, истражувања, анализи… Затоа, искористете ги придобивките од технологијата и користете услуги во “облак“ за да бидете сигурни дека сите информации ви се на дофат на раката.

Истражувајте – пред да заминете на патувањето, истражете малку за местото што ќе го посетите, за знаменитостите што би можеле да ги посетите ако имате слободно време. Запознајте ја културата и традицијата на луѓето во чија земја патувате. Така ќе се “наоружате“ со сите детали за патувањето што претстои, ќе заштедите време и енергија, а и полесно ќе се прилагодите на новото место.

Фото: Pixabay